Верче Атанасова: „Добив дијагноза рак на 31 година, мојот 12-годишен син со солзи во очите ме молеше да издржам“
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше додека ги примав хемотерапиите, бев вкочанета со многу јаки болки. Некоја невидлива сила ме влечеше така слаба и истоштена, ме држеше во нејзините канџи.
Често пати си помислував зошто баш сега во најубавите години од животот болеста ме покоси толку ненадејно и агресивно. Жалосно беше да ги гледаш луѓето кои ги сакаш како се измачуваат заедно со тебе, особено син ми. Често пати ќе се погледнев во огледало гледав друга жена и си мислев како ракот си го зема својот данок.
Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата? Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш?
Секоја можна минута, се разбира кога бев добро, ја поминував со фамилијата, син ми, братучедите и братучетките, со пријателите и се трудев да бидам многу силна во тие тешки моменти.
Најдобриот совет што ти го дадоа за процесот на лекување е…
Најдобриот совет го добив од мојот најдобар доктор онколог што секогаш несебично се залагаше за мене и секогаш ќе му бидам благодарна за тоа. Никогаш нема да ги заборавам неговите зборови дека после ракот има живот и после сета оваа тешка борба навистина доаѓаат убавите денови.
Сметаш ли дека болеста те направи посилна?
Да, животот ме направи борец и сега веќе гледам појасно на работите. Му благодарам на Бог што ми даде нова шанса. Шанса која ќе ја искористам за да станам многу подобар човек, да простувам и да сакам повеќе. Да помагам колку можам на секој кој се соочува со оваа болест.
Бев сигурна во себе и знаев дека најубавото допрва ќе дојде и сè што поминав јас и мојата фамилија – болката, страдањата и голготите се само шлаканицата што ја добив од животот. Шлаканицата што ме скрши на милион парчиња, но и ме освести во друга личност која се наведна да си ги собере дел по дел сите нејзини делови, да се состави во личност која не се плаши да живее и ќе се стреми за подобро утре за неа и нејзината фамилија.
Направи ли промени во исхраната? Како изгледа твоето дневно мени?
Многу зеленчук и овошје, сокови и многу вода, смути и салати се секојдневниот начин на живот, како и пешачењето и планините и планинскиот воздух.
Што друго промени во начинот на живот?
Ги исфрлив сите негативности што мислам дека би можеле да влијаат врз мене и моето здравје и трошам многу повеќе енергија на луѓе кои ме сакаат и почитуваат и го живеам секој ден со полн здив.
Колку ти се промени погледот на светот и на работите од секојдневието? Дали навистина луѓето не ги ценат малите работи од секојдневието?
Работите за кои пред некое време не ги забележував сега изгледаат многу значајни.
Повеќе не ми е важно дали некој ме сака или не. Се сакам себеси повеќе од кога било со сите мои лузни и недостатоци затоа што тие ме прават тоа што сум.
Порака до сите што во моментот минуваат низ истото…
Животот може да се живее после сите тие трауми. Да, животот продолжува.
Ја добив шансата наречена ЖИВОТ! Нема ништо поскапоцено од тоа. Верувајте во себе и запомнете Господ најголемите битки им ги дава на неговите најголеми борци.