Вања Мицевска се избори со ракот на 26 години: „Имаш рак - се срушив, нозете не ме држеа, но научив важни лекции“
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Затоа што само во срце планина може да има доволно љубов и емпатија за стотици пациенти. Затоа што кога ќе станете пациент на Клиниката за онкологија вие сте пациент таму на долг рок и неизмерната посветеност на докторите, како и на сите останати медицински лица е неопходна за да го пребродите најтешкото.
Топлите зборови на моите доктори онколози ми беа како ветер во грб и сѐ уште се исклучително драги луѓе за мене.
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Најтешко ми беше тоа што повеќе не можев да го кревам во раце мојот внук, кој кога јас дознав за дијагнозата имаше две ипол години. Бев физички премногу кревка за нашите силни прегратки, но сепак и во деновите кога мислев дека ништо не може да ме расположи, неговиот џагор беше најубавото нешто што одѕвонуваше во воздухот околу мене.
Мислам дека никогаш нема да дознае дека вметнуваше боја во моите сиви денови.
Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата? Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш процесот?
Битката ја водев држејќи ги за рака своите најблиски. Штом тие беа подготвени да сторат сѐ за да ми биде полесно, знаев дека и јас морам да им олеснам со тоа што нема да се предадам.
Времето го трошев читајќи книги и гледајќи филмови бидејќи ми се чинеше дека нема нешто порационално што би можела да го правам во мојот дом, со оглед на тоа дека кога почнав со хемотерапиите среде зима беше престудено за да шетам надвор, а потоа почна и ковид пандемијата и таа секако влијаеше на текот на работите.
Најдобриот совет што ти го дадоа за процесот на лекувањето е?
Всушност најдобриот совет ми го дадоа две жени кои исто така се оперирани од рак на дојка – Билјана и Валентина. Едната е родум од Штип и ја знаев од претходно, па кога дознав дека боледувам од истото ја замолив мајка ми да ѝ се јавиме.
Таа ме советуваше да одам чекор по чекор и да се информирам рационално за она што следно треба да го преземам, наместо да се опседнувам со информации кои во моментот не ми се потребни.
Советот од другата жена пак беше, да знам дека хемото колку и е да е тешко, тоа ми е лекот. И навистина, секое одење на хемо мене ми беше стресно и знаев дека следните денови и ноќи ќе бидат долги и тешки, но дека благодарение на таа потешкотија, понатаму ќе сум посилна.
Сметаш ли дека болеста те направи посилна?
Апсолутно да. Ако можев да бирам дали некогаш да го доживеам ова, секако дека ќе кажев не, но ако веќе се случило треба да сме мудри и да ги извлечеме поуките кои се малку скриени, но не и невидливи.
Болеста ве учи кој е спремен да ви ги брише солзите и кој е вреден за да ги споделите со него вашите насмевки. Болеста едноставно ве учи, кој низ вашиот живот бил само патник на поминување, а кој патува со вас до крајната дестинација.
Направи ли промени во исхраната?
Исхраната претрпе промени, но не некои значителни бидејќи јас генерално никогаш не сум се хранела нездраво. Сепак речиси ги отфрлив шеќерот, белото брашно и млечните производи.
Овошјето и зеленчукот отсекогаш биле дел од моето дневно мени, но последнава година се застапени во многу поголеми количини.