„Како се вљубив во Македонка?“ - Момци од други земји ни откриваат какви партнерки се Македонките
Луис Карлос од Бразил: „Потребно е многу трпение да се биде со Македонка“
Бразилецот Луис Карлос ја запознал Македонката Ивана пред седум години додека и двајцата работеле на брод, а заедно се скоро шест години, од кои речиси две во брак. За својата Македонка вели дека е гласна, искрена и дека секогаш сака да биде по нејзино.
„Потребно е многу трпение да се биде во брак со Македонка, бидејќи таа има силен карактер, темпераментна е и тешко менува мислење, секогаш силно го брани својот став. Но, од другата страна таа е личност која ги негува традиционалните вредности и се грижи за доброто на семејството“ – вели Луис Карлос, која додава дека неговата сопруга е многу емотивна и искрена.
На прашањето која е разликата меѓу жените од Македонија и Бразил, тој вели дека Македонките се поамбициозни и тврдоглави, но верни и посветени на семејните вредности, а Бразилките се попустливи, лесно менуваат мислење, но често изневеруваат и немаат големи амбиции.
Бразилецот вели дека таа го освоила со својот шарм и лојалност.
Луис вели дека од македонските традиции за него најубава е кршењето лепче со паричка за Бадник, а интересно му е кога Ивана вапца јајца за Велигден. Тој додава дека ги слават сите празници два пати, негувајќи и почитувајќи ги традициите од двете земји.
„Бев позитивно изненаден од венчавањето во цркавата во Скопје. Беше прекрасна церемонија, многу поубава и посвечена од венчавањето во Бразил“ – раскажува тој за својата македонска свадба, откривајќи дека омилен дел му било венчавањето со круните во црква, а најзабавно „купувањето на невестата“, и двата обичаи кои ги нема во неговиот роден крај.
„Многу ми е забавно да раскажувам дека ја купив Ивана“ – се шегува тој.
Хуан од Шпанија: „Весна ме освои со нејзината искреност“
А за својата понежна половина од Македонија, Шпанецот Хуан вели дека е жена која е посветена на љубовта и тоа често го покажува. Тој и Весна се запознале пред девет години на социјалната мрежа MySpace и оттогаш се неразделни, родители на мал принц со дом во шпанската престолнина Мадрид.
Вели дека неговата сопруга е храбра и одговорна личност со јасни идеи, но дека и требало повеќе време да се навикне на новата околина и да ги заборави нејзините стари навики.
фото: depositphotos.com
„Таа е вредна и грижлива, одлична мајка и обожавам кога готви македонски рецепти“ – вели тој кој додава дека не може воопшто да ги спореди Шпанките со Македонките.
Хуан открива дека таа го освоила со нејзината искреност, а најмногу го нервира огромниот број на чевли, штилки и чизми кои ги има во секоја соба од домот.
Од искуството на нашитe соговорници можеме да заклучиме дека Македонките се одлични партнерки, лојални и посветени на домот, со брз темперамент и силен карактер. Тие ни откриваат дека нашите сонароднички се романтични души кои искрено љубат. Нивната љубов и ромаnтична страна ја надвладуваат тврдоглавоста и инетот.
Прочитајте и „Како се вљубив во Македонец?“ - Девојки од разни земји во светот откриваат какви партнери се Македонците
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови и фотографии е казниво со закон.
И. Ј.| Црнобело / фото: приватна архива