Интервју со ветеринарот Наташа Бојчева: „На мече му давав мед и млеко со шприц, мачка ме изгриза во ординација“
Како изгледа кученце што се бори со рак, дали и тие минуваат низ истите тешки терапии како и луѓето?
Зависи од самиот рак. Некои се безболни и бенигни и лесно се решаваат со операција. Некои се малигни и многу брзо растат и што и да направиме се враќаат поголеми.
Најчести се мамарните тумори кај кучиња, кај кои освен рана стерилизација (за да се намали хормоналното влијание врз растот на туморот) и хируршко отстранување, нема многу што да се направи. Кај повеќето кучиња остануваат локализирани на мамарното ткиво, но кај некои се случува да метастазираат во белите дробови или црниот дроб.
Многу често како дијагноза има и ТВТ (трансмисивен венеричен тумор) кој е од вирусно потекло и се пренесува преку сексуален пат. Овој тип на тумор, за разлика од повеќето други, добро реагира на еден вид интравенска хемотерапија која се користи кај кучињата.
Си имала ли некоја незгода на работа, да те гризне некое животинче или да те нападне на каков било начин?
Ме гризеле повеќе кучиња и ме гребеле мачки. Рацете ми се цели лузни и се договоривме на работа дека наскоро ќе ги истетовирам рацете за да си ги покријам лузните.
Како поминува времето и како се стекнувам со искуство имам сѐ помалку свежи лузни. Добро и сега помалку им верувам на нови пациенти, сите мора да имаат некој кој ќе им биде прв што го гризнале, па не мора да сум баш јас тоа.
Имаше една „интересна“ ситуација со мачка која беше навистина лоша. Ова се случуваше минатата пролет само што почна короната и среќа што носев н95 маска бидејќи мачката реши од седење мирна да ми се фрли на глава и да ги зарие ноктите во маската. Пак ќе кажам, среќа ја носев маската. После се сврте ме изгриза за рака, па пиев антибиотици и така.
Што да преземат сопствениците на куче/маче ако нивниот миленик лапне отров? Што треба да направат прво пред да го однесат на ветеринар?
Јас секогаш препорачувам да се има „прва помош“ сет за миленици кој ќе содржи неколку работи: активен јаглен, преднизолон (брзо делувачки кортикостероид кој се користи при труење), атропин (доколку има хиперсаливација и собирање на пена во грло да се намали за да не се удави).
Вториве доаѓаат во форма на ампула и ние ги ставаме венски ама самиот сопственик може и да ги боцне мускулно за да купи време додека да стигне до амбуланта. Многу отрови се многу брзо делувачки и знаат да бидат фатални и за 10-15 минути...
Најдобрата заштита е сопствениците да отворат 10 очи при шетање и да гледаат каде оди и душка кучето, да не го пуштаат од ланец и по можност да носи маска. Истите отрови имаат значително поблаг ефект кога се само намирисани во споредба со изедени. Значи телефонот в џеб и очите отворени на прошетки.
Кога станува збор за хигиената на кучињата... Дали на милениците треба да им се мијат забите? Како правилно да им се чистат ушите? Дали треба да се потстрижуваат? Колку често треба да се бања куче што живее во стан? Што друго треба да се практикува?
На кучињата треба да им се мијат забите ама за да биде тоа успешно треба да се научат и навикнат од малечки. И на нив им се таложи забен камен, како на нас и доколку не го спречиме со четкање, дентални стапчиња и тврди играчки ќе треба јас да им го исчистам со ултразвук под анестезија.
Ушите главно не треба да се чистат премногу, освен ако кучето е склоно на ушни инфекции. Тогаш е препорачливо да се чистат превентивно за да се фати инфекцијата додека е уште на почеток.
Кучињата се шишаат зависно од расата, некои мора редовно затоа што крзното интензивно расте, некои не се шишаат никогаш. Бањањето исто така зависи од расата и типот на влакното.
Има кучиња кои имаат коса наместо крзно (и најчесто живеат во стан) и тие може да се бањаат и еднаш неделно, но само со соодветен шампон за често бањање. Кај раси на кучиња со класично крзно не препорачувам бањање почесто од еднаш на 3 месеци бидејќи колку почесто се бања толку поинтензивно ќе мириса „на куче“.
Ова се случува бидејќи кучињата на својата кожа имаат една маслена заштита која им го дава тој специфичен мирис и колку почесто се бања толку повеќе се лачи таа заштита т.е. мириса повеќе.
Ценети ли се ветеринарите доволно во Македонија? Слушаме дека во странство за животни има неверојатни болнички услови, која е најлуксузната установа за третман на животни на светско ниво?
Статусот на ветеринарите во Македонија полека почнува да наликува на нешто. Нормално сè уште има луѓе кои не нѐ сметаат воопшто за доктори, ама како што се зголемува трендот на чување на миленици, така се зголемува и барањето за ветеринари и сѐ повеќе и повеќе нѐ ценат. Ама мислам дека Македонија е многу далеку од ценење и стандард како Австралија, ама ќе биде еден ден.
Си лечела ли риби? Кои се најчестите болести што се јавуваат кај нив?
Уф, не… Ама имам вадено крв од риба! Додека бев на размена во Љубљана таму го слушав предметот Риби и еднаш на вежби професорката нѐ учеше како да извадиме крв од риба. Презабавно беше. И ни се закани дека треба да извадиме крв без рибата да умре, инаку сме го паднале предметот. Преживеа.
Колку често пациенти ти се папагалчињата, кој е нивниот најчест здравствен проблем?
Мене многу ретко, папагалите ги препраќам кај колегите Дени, Марко и Горан. Ич не се разбирам од птици.
Какви сè животни добиле третман во ординацијата каде што работиш?
Па, освен стандарните куче, маче, папагал, зајак, хрчак, морско прасе, додека бев на пракса во истата амбуланта во која работам начекав и мечка! На која што ѝ давав мед и млеко со шприц додека примаше инфузија за да нѐ засака и да не паничи. Се работеше за младо мече кое паднало од високо и имаше скршена карлица.
Еднаш лечевме и сервал (еден вид на дива мачка) од дефицит на калциум.
Ни носеле и диви птици. Еднаш донесоа и млада лисица која ја удрило кола и имаше скршена вилица. Забавно е да си ветеринар.
Колку Македонците се одговорни во поглед на здравјето на своите миленици?
Искрено, денес многу повеќе отколку пред 5 години. Се надевам овој тренд ќе се зголемува и ќе биде се подобро.
Ме радува тоа дека сѐ повеќе сопствениците на животни решаваат да си го слушаат избраниот ветеринар наместо соседот, одгледувачот, другарот од средно и слично.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело