Борислав Калковалиев: „Чест е да се биде дел од медицинскиот тим на Фудбалската репрезентација на Македонија“
- Детали
- сабота, 25 јули 2020
Какви повреди најчесто доживуваат фудбалерите, што значи да се биде дел од медицинскиот тим на македонската фудбалска репрезентација, која повреда досега била најсериозна ни открива Борислав Калковалиев, кој веќе 3 години е дел од медицинскиот тим на А фудбалскиот тим на Македонија.
Борислав Калковалиев (34), специјализант по ортопедија, е дел од медицинскиот тим на А тимот на Фудбалската репрезентација на Македонија во улога на доктор од август 2017 година.
Речиси три години е дел од оваа приказна, која вели дека го научила многу лекции за професионалноста, посветеноста и пожртвуваноста, но и за другарството, меѓучовечките односи, лидерството и тимскиот дух.
Со него проговоривме што значи да се биде дел од медицинскиот тим на Фудбалската репрезентација на Македонија:
Што значи да се биде дел од медицинскиот тим на македонската фудбалска репрезентација?
Најпрво, претставува огромна чест да се биде дел од една институција како што е А тимот на националната фудбалска селекција. Позицијата носи со себе огромна одговорност во смисла на обврските кои ги имаме како медицински тим, а од друга страна и предизвик околу целокупното заедничко работење како стручен тим и фудбалери заедно во една целина.
Колку членови брои тимот и кои се твоите обврски?
Моментално медицинскиот тим го сочинуваме пет члена, од кои двајца доктори и тројца физиотерапевти. Работиме буквално како тим, со заедничка цел да нашите обврски бидат извршени и навремено и на едно високо професионално ниво какво што самата позиција бара од нас.
Тоа подразбира целокупна медицинска нега и грижа за фудбалерите, како за нивното општо здравје така и за згрижување, евалуација и третман на сите акутни состојби и повреди кои евентуално би настанале во тек на еден собир. Исто така, наша обврска е и исхраната, односно подготовка на менито за оброци по посебен протокол и водење сметка за условите во кои истата се подготвува и сервира, како на гостувањата така и дома.
И секако, наша обврска е да, целокупното медицинско работење односно третман, како и исхраната со суплементација бидат согласно прописите на Светстката антидопинг агенција.
Најсериозната повреда на играч досега која ти си ја санирал во прв миг …
За среќа, немаме многу сериозни повреди коишто бараат подолго отсуство од терен, што и се должи на високото ниво и професионалност на стручниот штаб во смисла на достаточна и правилна кондициска подготовка на играчите. Но сепак, сме имале повреди на колено кои било потребно дополнително и оперативно да се решаваат, повреди на скочен зглоб и стапало, но и сите останати повреди.
Можам да издвојам еден натпревар, во кој нашиот прв голман се здоби со повреда на глава, кои се едно цело посебно поглавје во спортската медицина, и вистински предизвик за медицинскиот тим. Повреда која навистина бара една брза и стручна процена на повредата во неколку минути, а за која во болнички услови на пример, пациентот веројатно и би бил задржан на неколку часовна опсервација со радиолошки иследувања.
За среќа, сè се заврши во најдобар ред, и на самиот натпревар, а и во наредниот период по распуштање на собирот, во кој на дневна основа комунициравме по телефон за здравствената состојба на играчот.
Голмани, напаѓачи, одбрана – кои играчи доживуваат најмногу повреди?
Мислам дека нема правило околу предиспонираност за повреди зависно од позицијата во тимот. Сите играчи се под ризик, особено на натпревари од поголема важност и се играат на малку по остро ниво.
Но, можеби, играчите кои се во добра „серија“ кажано фудбалски, и се закана по противничкиот гол се изложени на погруба игра во текот на целиот натпревар.
Твои топ 3 алатки за помош на фудбалерите …
Има едно непишано правило, дека за правилно да постапите во прв момент најважни се две работи – ладна глава и десет прсти. Напоменав дека имаме одлична соработка со физиотерапевтите, кои се исклучителни професионалци и со богато искуство зад себе кога станува збор за акутни спортски повреди. И нивната улога во такви моменти е непроценлива.
Нашиот удел во таков момент е процена на степенот на повредата, односно процена на можноста играчот да го продолжи натпреварот или не, и третман согласно протоколите за таков тип на повреди, што во прв момент најчесто подразбира ладење со имобилизација, како играчот би го завршил натпреварот до крај без никаков дополнителен ризик по неговото здравје.
Кои земји си ги посетил досега благодарение на оваа функција?
Не знам колку нашите патувања можат да се стават во онаа класична туристичка смисла на зборот посета на некоја земја, затоа што и таму важат правилата за собир, со утврден протокол на работа и активности, кои го исполнуваат целиот ден.
Но сепак, се пружа можност за патување до некоја земја којашто инаку можеби и не е на листата на чести посетувани дестинации, како Гибралтар, Лихтенштајн, Ерменија.
Омилен македонски и омилен светски фудбалер?
Следам фудбал и спорт воопшто од мала возраст, и отсекогаш сум им се восхитувал на славните фудбалски имиња уште од нашиот прв национален состав, па сè до денес.
Честа која ми е укажана да сум дел од селекцијата која можеби ги испишува најсветлите страници, и да ги запознаам сите играчи и приватно, прави да ги почитувам уште повеќе бидејќи навистина сите се прекрасни и како луѓе, исто колку што се професионални во фудбалот.
Верувам никој нема да ми замери ако го издвојам тука капитенот Горан Пандев, кој е капитен во една совршена смисла на зборот, како со неговото професионални успеси, искуство и квалитет, така и како човек, лидер и пријател. Неретко, сум знаел и лично да побарам од него мислење и совет за одредена ситуација, и секогаш бил тука да помогне.
Што се однесува од светските имиња, ќе го истакнам Диего Марадона. Име со неспорни фудбалски квалитети, но исто толку маркантен, дури и контроверзен надвор од терените и години после неговото повлекување од професионално настапување.