Магдалена (22) од Тетово е дизајнер на ентериери во Комо: „Жена бараше вграден сеф во спалната за нејзините Hermes чанти“
- Детали
- понеделник, 24 февруари 2025
„Додворувањето и запознавањето тука е многу директно, без мажите да се плашат од одбивање. Во Милано се дружам со доста Балканци - друго е кога го зборуваш истиот јазик, го имаш истиот хумор“, вели Магдалена, која на 18 години почнала да студира во Италија, а денес работи за голема компанија за дизајнирање ентериери.
Магдалена Јовановска (22) од Тетово веќе неколку години живее во Италија.
Таа 4 години била во Милано, градот кој за многу уметници и дизајнери е (недостижен) сон, но за неа тој беше реалност.
Магдалена, не само што студираше во Милано, туку своето знаење и талент ги искористи на најдобар можен начин - се пресели во Комо и таму почна да работи на своите први професионални проекти како дизајнер на ентериер.
„Сè започна во средното уметничко училиште Лазар Личеноски во Скопје, но потоа решив моето школување да го продолжам во Милано - центарот на дизајнот и модата“, вели Магдалена за CRNOBELO.com.
Иако ужива во животот во Италија, таа често си доаѓа во родното Тетово, но и нејзиното семејство често ѝ оди во посета.
За животот во Милано и студиите, но и за кариерата и што сè вклучува нејзината работа на уредување ентериери во луксузните вили на езерото Комо, Магдалена ни раскажа во интервјуто:
Долго време живееше во Милано. Како би го опишала животот во престолнината на модата?
Како дизајнер отсекогаш се замислував да живеам во град како Милано. Тој беше мое секојдневие 4 години. Тој е срцето на дизајнот.
Секојдневно гледав среќни, креативни, необични луѓе - на улици, во локали, во метро или, пак, на изложби и евенти.
Секој е уникатен на свој начин и никој не е ист.
Моментално живеам во Комо, се преселив пред нецели 6 месеци.
Што те одведе во Италија?
Јас имав голема желба да го продолжам моето школување во странство.
На мојата листа беа Рим и Милано. Интуицијата ми велеше Милано, па така и се случи.
Кога го посакувате нештото од срце, и верувате во него, секогаш се остварува.
Ти беше ли тешко да се навикнеш на животот таму, да стекнеш пријатели? Го знаеше ли јазикот пред да отидеш?
Напуштањето на домот не е лесна работа кога си толку млад.
Мислиш дека знаеш сè, но всушност само е едно е сигурно - дека сè мораш да можеш.
Сметам дека преку ноќ созреав и размислував за иднина.
Преселбата на речиси сите мои работи го памтам како физички најтешко, а од друга страна најтешко ми беше да се навикнам на новиот дом.
Па затоа еден ден мојата Благче (мајка ми) ми ја прати мојата перница по автобус.
Јазикот не го владеев добро пред да одам во Милано, па од таа причина студирав на англиски, каде што моите колеги доаѓаа од целиот свет. Но паралелно учев и италијански.
Кога си интернационален студент многу полесно можеш да се спријателиш со луѓе од целиот свет, од различни земји и култури.
Сите толку различни, а сепак со исти маки - сами во туѓ град.
Три најубави работи (тебе лично) за животот во Италија...
Како дизајнер на ентериер морам да кажам дека секое кафуле, бар, ресторан си има своја приказна и е посебен на свој начин.
Секој ден има настани и случувања од културен и забавен карактер.
Утринското кафе се пие набрзина, стоечки на шанк во рок од три минути.
И секако, да не ги заборавиме моите Bungiorno-Buongiorno Инстаграм видеа кои обожавам да ги снимам, a на многумина им се симпатични.
Лани дипломираше, а сега работиш во струката... Раскажи ми за студирањето, но и за тоа дали ти беше тешко да ја најдеш работата?
Студирав на IED, еден меѓу прворангираните во Европа. Времето навистина ми прелета како за час.
Најинтересниот период од испитните сесии секогаш ми беше правењето макети.
Иако мојот дом секогаш беше во потполн хаос, јас уживав во процесот на изработка.
Исто така, денови коишто нема да ги заборавам се оние поврзани со моите многубројни преселби. Заспивања во воз и будење на друга локација... убави денови.
Кога станува збор за работа, бев на неколку интервјуа за кои ме контактираа преку мојот факултет, но на крајот се решив за Комо.
Што точно опфаќа твојата работа? И дали во овие неколку месеци имаше некоја интересна случка или се сретна со сопственици на вила кои имаат невозможни барања?
Веќе 7 месеци работам како проектант на апартмани и вили.
Мојата компанија соработува со едни од најпрестижните брендови, како што се Flexform, Poliform, B&B, MaxAlto…
Секој клиент си има свој вкус и свои барања, но минатата недела - ова беше врвот.
Наша клиентка е колекционер на Hermes чанти и во моментов ги чува во банка.
Таа имаше барање да се постави вграден сеф во нејзината соба.
Инаку нејзината вила има неопислив поглед кој го опфаќа целото езеро.
Си имала ли средба со Џорџ Клуни или некој познат кој живее или има своја вила на Комо?
Баш оваа недела имав чест да го запознаам Паоло де Сантис, сопственикот на хотелите Passalaqua и Grand Tremezzo, коишто во моментов се реновираат.
Мојата компанија го води тој проект и ја сум многу горда што сум дел од него.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





