Елена Трпчевска, психолог на онкологија: „Мојата најмлада пациентка имаше 14 години - Што им паѓа најтешко на заболените од рак?“
- Детали
- вторник, 25 февруари 2025
„Сè започна со тоа што во моето семејството имав член кој боледуваше од карцином, а понатаму животот и професионално ме одведе да работам таму. Работата на онкологија како психолог е предизвик и емотивно и ментално“, вели психологот Елена Трпчевска Ѓорѓевскa во интервју за CRNOBELO.com.
Елена Трпчевска Ѓорѓевскa (32) работи како психолог на Kлиниката за oнкологија и радиотерапија во Скопје. Моментално е на породилно отсуство, но сподели со нас како изгледа нејзината работа.
Таа е дел од овој кабинет уште од самиот почеток при формирањето на кабинетот и вели дека многу е благодарна што како млад психолог имала можност да почне да работи токму таму.
„Да се биде психолог на Клиниката за онкологија и радиотерапија е навистина благородна работа. Оваа работа е многу значајна за мене бидејќи ми овозможува да ги поддржувам и да им помагам на пациентите и на нивните семејства во најпредизвикувачките моменти во нивните животи.
Тоа е улога која бара длабока емпатија, сила и способност да се балансира емоционалното присуство со професионалното водство“, вели таа.
Таа за CRNOBELO.com споделува детали од нејзината работа:
Зошто психолог на онкологија? Колку е тешко?
Некако отсекогаш знаев дека како психолог припаѓам во здравството. Уште на почетокот на моето студирање се гледав себеси како психолог во здравствена институција.
Започна со тоа што во моето семејството имав член кој боледуваше од карцином, а понатаму и ме однесе животот професионално да работам таму и баш со голема желба навистина да помогнам на што поголем број пациенти да ја пребродат болеста посвесно и подобро.
Работата на онкологија како психолог е предизвик и емотивно и ментално. Пациентите и нивните семејства доживуваат длабок страв, тага и неизвесност, а за да се биде присутен за нив во такви ранливи моменти бара многу емоционална сила.
Сум чула многупати од колеги дека сум започнала со потешкиот дел како психолог, иако јас тоа така не го гледам, помагањето на пациентите, советувањето и поддршката која им ја давам за време на целото лекување за мене е многу значајно, се чувствувам дека правам нешто што е многу важно.
Најмлада пациентка со која си работела досега и нешто што ти оставило најсилен впечаток?
Се сеќавам дека тоа биле пациенти на возраст од 14, 15, 16, 17 години, генерално сите пациенти кои се соочиле и се соочуваат со болест карцином минуваат низ одредени ментални и емоционални промени во кои им е потребна поддршка.
Има средби и луѓе кои оставиле голем траг кај мене и никогаш нема да ги заборавам, тоа биле многу средби и со пациентите и со членовите на семејството.
За жал, сме се соочиле со прерано изгубени битки на пациенти и тоа апсолутно допира до нас вработените.
Исто така, има и огромен број пациенти што после години минати низ бура на лекување, доаѓале да побараат психолошка поддршка за како повторно да се вратат назад и адаптираат на стариот начин на живот, враќање на работа или доаѓале да ни кажат дека се одлично. Ова е нешто што навистина нè прави среќни.
Кој полесно се справува со дијагнозата? Помладите или постарите?
Помладите и постарите се соочуваат со различни психолошки предизвици.
Помладите се соочуваат со нарушување на нивните идни планови, кариера и личен живот, со што го отежнува прифаќањето на болеста, исто доживуваат дека им се случува неправда во животот што ја добиваат болеста баш они, а со тоа добиваат и страв да не ги пропуштат животните искуства.
Од друга страна, постарите пациенти може да имаат поинаква перспектива, страв од постојано зависење од блиски лица, губење на автономија или оставање на блиските зад себе.
Справувањето со дијагнозата зависи повеќе од личноста, нејзината ментална сила, социјалната поддршка, минатите искуства, отколку од возраста.
Топ 3 совети што им ги давате на пациентите...
Мислам и дека не постојат топ 3 универзални совети за пациентите кои се соочуваат со карцином, бидејќи секое патување низ оваа болест е единствено и посебно.
Затоа се фокусирам секогаш да работам на препознавање и прифаќање на нивните емоции, јакнење на резилиентните снаги (сила на отпорност), барање и прифаќање поддршка.
Како реагираат луѓето што ги чека операција, хемотерапија, бидејќи процесот на лекување рак е навистина тежок?
Поголемиот дел од нив на почетокот се премногу исплашени, скоро и сите пациенти со кои сум разговарала велат дека на почетокот доживеале шок.
Чести реакции се страв, неизвесност, бидејќи ќе минуваат низ нешто што е сосема ново и неочекувано за нив. Сум била сведок на пациенти каде што се препознавало изобилие од присуство на страв, до степен да одбиваат да ја примаат предложената терапија од онколог, но со разговор со онколозите и поддршка од семејствата таквите ситуации биле средени и подобрени.
Кој совет го даваш во состојба на паника?
Кога пациентот е во состојба на паника, приоритет ми е да му помогнам да го врати чувството на смиреност и контрола.
Мојот пристап зависи од поединецот, но секогаш е топол, нудам разговор и безбеден простор за отворена комуникација, фокус кон техники за длабоко дишење, обезбедување емоционална и практична поддршка, ги уверувам дека нивните чувства се валидни, им помагам да ги изнајдеме механизмите за справување, да се побара помош од најблиските, која навистина е потребна овие периоди, им предлагам да се вклучат во групи за поддршка, како што е групата „Љубов сме“ или која било група која е достапна за поддршка за болни од карцином.
Продолжува на следната страница...
Би можело да ве интересира:





