Успешни Македонци низ светот: Даниел (32), дизајнер од Скопје, е сопственик на изложбен салон во Милано
- Детали
- среда, 05 февруари 2025
„На почетокот делев студио и изложбен простор со друг дизајнер, но сега имам независен простор во Милано каде што работам, организирам изложби и остварувам средби со клиенти“, вели Даниел Николовски (32) oд Скопје.
Даниел Николовски (32) oд Скопје на 19-годишна возраст се преселил во Милано за да ги продолжи неговите студии во областа на внатрешниот дизајн, а градот комплетно го маѓепсал и го вовел во светот на дизајнот и архитектурата.
Сега, таму има свое студио и изложбен салон, а го лансираше и брендот TRAGA, кој го носи дизајнот на чашите на едно ново ниво.
Даниел за CRNOBELO.com споделува:
„Милано ме воведе во светот на дизајнот и архитектурата, но токму за време на моите магистерски студии во Лондон се роди мојата страст кон дизајнирањето на мебел.
Овој период ми помогна да разберам како формата, материјалите и функционалноста можат да се спојат за да создадат уникатни парчиња со силна концептуална вредност.
По Лондон, се вратив во Милано и почнав да работам за брендот KABINET, каде што бев еден од главните дизајнери.
Таму имав можност да работам со различни материјали како дрво, тапацир, метал, резин и да експериментирам со нови техники.
Ова искуство ми помогна да ја развијам мојата визија и љубопитност за различни видови на дизајн.
По неколку години во KABINET, одлучив да започнам сопствен пат, да истражувам нови дизајнерски насоки и да се фокусирам на нешто сопствено. Така настана TRAGA.
TRAGA (www.traga.it) е бренд што ја редефинира идејата позади чашите. Наместо класичните линии, јас се обидувам да воведам експериментални форми, инспирирани од брутализмот, минимализмот и современата уметност.
TRAGA започна како онлајн бренд, но наскоро почувствував потреба од физички простор каде што можам да ја изложам мојата работа и да се поврзам со клиенти и дизајнери.
На почетокот делев студио и изложбен простор со друг дизајнер, но сега имам независен простор во Милано каде што работам, складирам роба, организирам изложби и остварувам средби со клиенти.
Ова студио, лоцирано на Via Bonghi 12, е многу отворено место, каде што сите кои се страстни за дизајнот се добредојдени да дојдат, да видат и да разменат идеи.
Успехот на TRAGA дојде преку автентичноста и храброста да се излезе од традиционалните рамки.