Соња Арсовска од Скопје е дама со шик моден стил и колекционер на дизајнерски чевли и чанти (фото)
- Детали
- недела, 02 февруари 2025
„Не сум роб на трендови, иако знам да ги прифатам и да ги вметнам во моите аутфити,доколку се вклопуваат во мојот стил, но исто така знам да имам на себе парче од пред 10 години искомбинирано со нешто што е во последен тренд“, вели Соња Арсовска (36) од Скопје.
Соња Арсовска (36) oд Скопје е сопственик на маркетинг агенцијата Dot Media, сопруга и мајка на Давид (3). Таа е дама со одличен моден стил, на која чевлите и чантите ѝ се слабост.
Вљубеничка е во патувања, а неретко знае да биде модно усогласена и со нејзиниот син Давид.
За својот моден стил Соња споделува за CRNOBELO.com:
„Уште од мои најрани години бев дете кое е опседнато со стилот и со уникатни модни изданија, па така и до ден денес ништо не е сменето.
Мислам дека љубовта кон модата ја имам во моите гени, тоа е нешто што ми е многу важно и по што многу од луѓето знаат да ме препознаат.
Изгледот на една жена го отсликува и нејзиниот карактер и ја рефлектира перцепцијата на јавноста за неа. Сметам дека сите ние треба да се изразуваме уникатно, според тоа како се чувствуваме и тоа да биде соодветно со пригодата.
Се разбира, дека доста важно е да се облекуваме и соодветно со нашата фигура и линија на телото, на тој начин ќе ги скриеме недостатоците, а истовремено ќе изгледаме пристојно.
Има премногу работи што лично ми се допаѓаат, но сметам дека не се соодветни за моите неколку вишок килограми во моментот, па воопшто не ни размислувам дека се добар избор за мене, и се одлучувам за парчиња кои би изгледале добро на мене.
Мојата професија сама по себе е доста креативна и ми дозволува слобода при облекувањето, да можам да се изразам како што јас би сакала, а не како што ќе ми наложи работата.
Мојот стил би го дефинирала како софистицирана и шик елеганција.
Мислам дека е неблагодарно да зборувам за бројот на парчиња кој го поседувам затоа што самата јас сметам дека е надвор од границите на нормала.
Знам и самата да се утешам дека ќе ги носам со години, дека ќе заштедам од друго место, дека е добра зделка или едноставно сум заслужила да се почестам.
Колекционер сум на дизајнерски чанти и обувки, ги имам во голем број, ги чувам и одржувам и се надевам дека во иднина ќе ги наследи некој што ќе ги третира со иста љубов.