Кристијан Стефановски од „Прагма продукција“: „Некои ѕвезди бараат шоферот да не ги гледа в очи“
А кој е првиот „балкански концерт“? И кој сè поминал низ вашата продукција низ годините?
Првиот балкански концерт што го организиравме беше концертот на „Бијело дугме“ на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид во 2009 година.
Тоа беше голем проект за нас, но на крајот резултатот беше спектакуларен.
Потоа, во 2011 година, следуваше фестивалот Scream каде првпат заедно на иста сцена ги видовме легендарните Рибља чорба, Прљаво казалиште и Ван Гог.
Тоа беше настан кој остави силен впечаток, а истовремено ни покажа колкава е моќта на добра продукција и квалитетна програма.
Многу е тешко да се наброи кој сè поминал низ нашата продукција, бидејќи се навистина многу.
Не постои балкански пејач со коj не сум соработувал - од Здравко Чолиќ, Горан Бреговиќ, Цеца, Тони Цетински, па сè до Петар Грашо, Северина, Марија Шерифовиќ, Ацо Пејовиќ, Жељко Самарџиќ и многу други.
„Прагма“ освен кај нас и на Балканот, работи и на европскиот пазар. На кои светски ѕвезди сте им организирале концерти досега?
„Прагма“ досега организираше концерти за Рики Мартин и тоа во Прага, Будимпешта и во Полска, со Енрике Иглесијас имавме концерти во Братислава, Прага, Краков, Копенхаген, а Малума, пак, во наша организација, одржа концерти во Тирана, Осло, Љубљана...
На кој концерт си најмногу горд?
Концерт на кој сум особено горд е концертот на Жељко Јоксимовиќ во 2014 година.
Тоа е воедно и најголемиот концерт во историјата на нашата продукција.
Настанот се одржа на стадионот во Скопје и постави нови стандарди за организација на музички спектакли во регионот.
Тој ден на стадион имаше повеќе од 60.000 посетители, што го прави концерт со најмногу посетеност досега и дефинитивно најголемиот „стејџ“ кој некогаш е поставен на тој простор.
Беше навистина посебен момент, не само за нас како продукција, туку и за целата македонска јавност.
Кој е најскапиот концерт што сте го организирале?
Најскапи секогаш се концертите на светските изведувачи, бидејќи хонорарите, техничките барања и целата продукција за нив се на сосема друго ниво.
Не можам да издвојам кој точно концерт бил најскап, но секогаш кога носиме изведувачи од светската сцена, тоа претставува огромен финансиски и организациски предизвик.
Покрај хонорарите, постојат и дополнителни трошоци за патувања, сместување, специфична техничка опрема, логистика и маркетинг.
Сето тоа носи огромни ризици, бидејќи дури и мал детаљ може да влијае врз конечниот успех.
На вакви концерти буквално секој чекор мора да биде испланиран до совршенство, бидејќи публиката очекува врвно искуство, а изведувачите - професионалност на највисоко ниво.
Но, токму ваквите настани ни даваат најголемо задоволство, бидејќи се потврда дека можеме да се носиме со најголемите предизвици во музичкиот бизнис.
Кои се најнереалните барања што ти ги поставила некоја ѕвезда?
Тука се барањата за сместување, храна и уште милион ситници кои за нас можеби изгледаат банални, но за нив се од огромно значење.
На пример, некои артисти инсистираат да пијат само вода од некој специфичен светски бренд или да се возат единствено со автомобили од одреден бренд, шоферот на автомобилот да не смее да ги гледа во очи, пешкирите во хотелите да бидат во црна боја итн.
Верувајте, нема простор за договарање или преговарање околу ваквите услови.
Барањата се поставени однапред и нема компромис - тоа што е обезбедено за нивните концерти во Лондон или Амстердам, мора да биде обезбедено и за концертите во Скопје или Охрид.
Преговорите со светските ѕвезди често траат долго токму поради овие строги стандарди.
Некои од нив носат свои готвачи кои специјално ја подготвуваат храната според нивните лични преференции.
Сите овие детали бараат максимална посветеност и координација, но токму ваквите предизвици ја прават нашата работа уникатна и возбудлива.
Како би ја оценил 2024 од аспект на твојата работа? Беше ли плодна година? И кој од сите концерти тебе ти направи најмногу ќеф?
Да, 2024 година беше плодна и успешна година.
Концертите што ги организираме, без разлика на жанрот или изведувачот, секогаш ни се подеднакво драги, но морам да издвојам неколку кои ми ја наполнија душата и срцето.
Тоа се концертите на Симон Трпчески и Калиопи. Тоа е посебно чувство, бидејќи станува збор за наши, македонски артисти.
Со овие концерти, на некој начин докажавме дека и македонските уметници можат да привлечат публика, да продаваат билети и да ги наполнат салите.
Уште поважно, тие покажаа дека можат да го задржат вниманието на публиката и да ја остават презадоволна.
Тоа е нешто што ме прави горд, бидејќи ваквите успеси значат многу за нашата културна сцена и за промоцијата на македонските уметници.
Според најавите, 2025-та ќе е уште поголема - Пласидо Доминго, Џејсон Деруло.... Откриј ни уште едно има што ви е потврдено... Или ако не, кажи ми кого се обидувате, ама никако не успевате да го договорите, па можеби, ете годинава да го букирате...
2025 година ќе биде доста интересна и возбудлива. Веќе ги најавивме Пласидо Доминго и Џејсон Деруло - две огромни ѕвезди кои првпат ќе настапат во Македонија.
Драго ми е што интересот и за двата настани е навистина голем, што само го потврдува фактот дека публиката има желба за вакви спектакли.
Посебно задоволство ми претставува што и тие самите во своите видео пораки најавија дека концертите ќе се случат во Република Македонија.
Во преговори сме со уште некои светски ѕвезди, но сепак не можам да кажам ништо.
Планираме големи имиња и за 2026 и 2027 година.
Покрај тоа, 2025 ќе биде исполнета со многу концерти и на македонски артисти.
Наша цел е да продолжиме да ги поддржуваме и домашните уметници и да ги убедиме да излезат од нивната комфор зона.
Во последните години сме сведоци на пропаѓање на македонската музика, а за истото се виновни самите изведувачи кои не се борат со конкуренцијата и не се приспособуваат на она што публиката го сака.
Токму ние им даваме еден ветер во грб и им докажуваме дека и тие можат да полнат сали.
Следната година прв македонски концерт ќе биде концертот на Тони Зен и Слаткаристика, на една сцена, еден историски концерт за кој интересот е огромен на 6 месеци пред истиот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
А. Ј. | Црнобело