Сашка (38) е домаќинка од Куманово: „Кујната е моето царство, готвам секој ден, моето семејство е пресреќно“
- Детали
- среда, 11 септември 2024
„Среќна сум што моето семејство го цени тоа што сум домаќинка. Тие се задоволни затоа што се грижам за домот и во него секогаш има домашен ручек и топло месено лепче. Тоа што е малку за еден, за друг е многу“, вели Сашка од Куманово.
Сашка (38) од Куманово ужива во улогите на сопруга, мајка и домаќинка. Таа е мајка на Никола (7), кој е ученик во второ одделение, и веќе 10 години е во среќен брак.
Сашка не е во работен однос и вели дека грижата за семејството ѝ е најубавата обврска во животот.
Со своите ставови нè потсетува на важноста на топлиот дом, традицијата, домашно приготвениот оброк и чувството на благодарност што делите кров со луѓето кои ги сакате.
За CRNOBELO.com Сашка споделува:
„Ме прашувате ‘Дали сум домаќинка?’ Па, јас повеќе би се нарекла менаџер на домот (ха-ха), а исто така на оваа тема знам да се пошегувам и со изјава од типот ‘Па, не може сите да работат, некој мора и да ужива’.
Но, шега на страна, да се биде домаќинка не е лесна работа, но со добра организација може да биде лесно како песна.
Најважно е да станете рано и со утринското кафенце да си направите план за текот на денот и за сè ќе имате време.
Време за себе имам само додека синот е на училиште и тогаш знам да го прошетам цело Куманово, да испазарам сè што ми треба за дома – за полесните работи сум задолжена јас, а за оние што се потешки за носење е задолжен сопругот.
Пазарењето всушност е мојот начин на одмор, затоа што јас сум хиперактивна личност и не знам да седам сама и да гледам телевизија.
Обожавам да готвам и кујната е моето царство. Готвам секој ден.
Во лето готвењето е брзо и не ми одзема многу време, додека зимските специјалитети си бараат многу повеќе време, енергија и внимание.
Фанатик сум за месење леб, тоа всушност е моја пасија. Уживам додека го правам и секогаш наоѓам време за тоа.
Правам обично лепче, леб од кисело тесто, кифлички, пити и што уште не. Месењето буквално е моја терапија.