Кирил од Струмица чува африкански еж: „Ако му е ладно, може да хибернира – па изгледа како мртов“
Колку често овие миленици треба да се носат на ветеринар? Се вакцинираат ли? На што треба особено да се внимава?
Ако ежето е активно преку ноќта, истражува и душка низ ќошињата на кафезот, ако малите очиња му се светли и јасни и на кожата нема црвенило или лезии тогаш вашето милениче е здраво и нема потреба од посета кај ветеринар.
Може да се земаат некои витамини, но ако јаде од гореспоменатата храна ќе има доволно силен имунолошки систем за воопшто и да не се разболи.
Исто така редовното чистење на кафезот или аквариумот е задолжително, бидејќи ако живее во нечиста средина и живеалиштето почне да мириса, ќе дојде до воспаление на белите дробови, што ќе заврши фатално по животот на ежето.
Дали ежињата може да бидат опасни за невнимателните луѓе? Си имал ли некое непријатно искуство со нив?
Ежињата воопшто не се опасни за луѓето, единствено ако сопственикот не е внимателен па случајно може да се боцне од нивните боцки.
Инаку се многу мили, тивки и повлечени животни.
Како вообичаено реагираат гостите на нив, а како реагираат ежињата кога дома ќе дојде некој непознат?
Кога ќе имаме гости дома, прво што прават е разгледување на животните што ги имам, бидејќи некои од луѓето и првпат гледаат во живо вакви видови на миленици.
Африканскиот еж и Брадестиот змеј се вистинска атракција.
Секој што ќе дојде најпрвин ги гледа нив, но тие не обрнуваат многу внимание на непознати луѓе и немаат некоја посебна реакција.
Се приврзуваат ли овие животни за сопственикот?
Секако дека тие се приврзуваат за сопственикот.
Кога јас ги хранам се чувствуваат безбедно да јадат и кога сум со нив, додека ако им остави храна некој друг, тие нема да јадат сè додека не останат сами.
Тоа посебно е забележително кај брадестиот змеј бидејќи го хранам со помош на пинцета.
Колку време е потребно да се одвои за да се грижиш за африкански ежиња?
Африканскиот еж е многу лесен за чување и не бара многу време.
Најважно е еднаш во денот да му се обезбеди чиста вода и храна, и ако има потреба од чистење на неговото живеалиште.
На што треба најмногу да се внимава кога во домот имаш ваков миленик?
Кога во домот имате ваков вид на миленик треба да се внимава да не се крева преголема врева бидејќи се плашливи и осетливи на звук.
Исто така не сакаат многу светлина, и би било добро ако живеалиштето е на некое потемно место, важно е дека сакаат топлина од 22 до најмногу 29 степени Целзиусови, мора да му се обезбеди доволно голем простор за слободно да се движи внатре и живеалиштето да му е чисто.
Тие по природа не се многу социјални животни така што подобро е да се чуваат сами.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Б. С. Б. | Црнобело