Марјана Павличек, фотографка: „Дамите сакаат да се фотографираат голи, но се плашат што ќе кажат другите“
Според кои критериуми се водиш кога одлучуваш кое женско или машко тело ќе фотографираш?
Немам одреден критериум за тело, битна ми е идејата што ја имам замислено и начинот на кој ќе биде претставена пред гледачот.
Секое тело си има свои убавини и недостатоци, прашањето е што сакаме да видиме (како гледач) или што сакаме да покажеме (како фотограф). Сите различно ја читаат фотографијата.
Си имала ли случка да направиш успешна фотосесија и после тоа моделот да се предомисли и да не сака фотографиите да бидат споделени во јавност?
Сум имала таква случка, и за жал многу солидни фотографии имам изгубено на некој начин. Бидејќи во моментот кога моделот ќе се предомисли, нормално дека и фотографиите остануваат неискористени.
Во тој случај правам пресликување со друг модел и истата идеја ќе биде надополнета со нешто ново и секогаш ќе излезат фотографии на кои никогаш не сум се надевала.
Во последен период освои доста награди - што за тебе претставува секое ново признание и награда од домашна и странска публика?
Годинава зедов учество на многу клупски, меѓуклупски, републички и меѓународни изложби кои ми ја направија оваа година плодна на полето фотографија.
Секоја награда и признание, било да е од домашна или странска публика, има големо значење за мене, ми помага во понатамошна работа со фотографијата и дали сум на прав пат кога станува збор за уметноста.
Повеќето награди и признанија ми се од странски изложби отколку од домашни за жал, бидејќи критериумите се различни, различно ја ценат приказната, техниката и тежината на фотографијата.
Која ти е неостварлива желба за фотографирање?
Ова не би го дефинирала како желба, повеќе е како надеж дека еден ден моите фотографии или некоја моја самостојна изложба ќе биде дел од некоја позната светска галерија.
Разговорот ќе го завршиме со едно кратко прашање – како ти ја дефинираш акт фотографијата?
Акт фотографија претставува голо машко или женско тело. Всушност претставување на нешто што е скриено од јавноста, нешто што е сензуално и провокативно за самите гледачи и онаа што не е секојдневно.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело