Александар Цветковски: „Со сопругата се боревме со неплодност, имавме и мртвороденче, но сега сме благословени со ќерката Ангела“
Тежок ли е патот кој го изодевте? Колку поддршката е клучна во процесот? Дали сметаш дека жените во вакви ситуации имаат доволно поддршка од нивните партнери? Што сè правеше ти?
Патот не да е тежок, ќе споредам дека е пат комбиниран со трње и жар кој мора да го изодиш. Го одиш, а не гледаш крај.
Иако сопругата е главен носител, сепак јас бев оној кој ѝ беше најголема поддршка.
Го проучив целиот процес на ИВФ за кратко време. Научив што, кога и како ќе прави. Честопати докторите ми велеа ти сè знаеш за процесот, уште само пракса ти недостасува.
Јас бев тој кој знаеше со докторите да комуницира за сè она што се гледа на мониторите.
А дали жените имаат поддршка од своите партнери? НЕ! Толку километри сме поминале низ ходниците и секогаш во очи ми паѓаа девојките кои сами чекаа во чекалните, кажувајќи дека нивниот сопруг не бил целосно заинтересиран за ова. Правел само тоа што треба да го прави според протоколот за ИВФ и толку.
Најважниот совет кој го добивте во битката со неплодноста е…
Советот си го дадовме сами со сопругата. Уште на самиот старт седнавме и се договоривме – Проблемот нема да е до мене или до тебе – наш е заеднички.
Заедно влегуваме во ова и заедно ќе излеземе од ова. Ќе ја водиме битката и ќе бидеме победници.
Јас во ниту еден момент не ја оставив сопругата сама да прави нешто со овој процес. Во ниту еден од процесите. И тогаш кога најмалку требаше да сум таму - јас бев.
Колку во Македонија се говори јавно на оваа тема? Имаат ли многу брачни парови проблем со неплодноста?
ИВФ процесот е табу-тема во нашава држава. И ние бевме скептици на стартот.
Се срамевме да говориме за ова. Но, на кратко.
Запознавме многу парови кои се срамеа да говорат за ова и на почетокот мислев дека многу малку парови се борат со ова, но не било така. Сме биле премногу. Редици и редици сме чекале.
И да, многу парови сме запознале кои го поминаа процесот. Некои завршиле успешно, некои не. Заедно сме се радувале, заедно сме тагувале со тие парови.
Заедно сме разменувале терапии, заедно сме барале терапии, заедно сме споредувале резултати. Нè има премногу кои сме биле благословени да го одиме овој пат.
А сега со гордо крената глава можам да кажам дека Ангела е добиена токму со ИВФ процес - таа е дете од епрувета.
Порака до сите парови кои минуваат низ оваа битка…
Најпрво би сакал да им порачам на паровите никогаш да не се откажуваат од овој процес. Да се борат и да одат докрај. Битката ја добиваат најхрабрите и најупорните. Не се предавајте тогаш кога цел свет ќе се сруши пред вас.
А посебно би ги поздравил мажите! Да им бидат најголема поддршка на своите сопруги, тие не се сами во ова.
Како што вели нашиот доктор, раката без рамото не оди. Мажи, сакајте ги вашите сопруги, правете сè за полесно да го поминат ова.
Шетајте, разговарајте, дружете се, смејте ги, бидете им најголема позитива која ќе им се случи во денот.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело