Александар Цветковски: „Со сопругата се боревме со неплодност, имавме и мртвороденче, но сега сме благословени со ќерката Ангела“
Колку ти ѝ беше поддршка на сопругата? Колку ова е емотивен и тежок процес? Но, и како се чувствуваше ти самиот?
Најголемата поддршка на сопругата ѝ бев токму јас. Процесот на оджалување на нашето мртвородено бебе го поминувавме онаму каде човечка нога ретко стапнува, онаму каде реката ги впиваше нашите солзи.
Ќе ве излажам ако речам дека не сум плачел. Чести беа тие денови кога сме биле заедно во прегратки со сопругата и со солзи во очите.
Шетањето по планините, одењето на за нас непознати места без план, туку онаму каде патот ќе нè води ни беа навистина од голема помош при закрепнувањето.
Јас правев буквално сè да бидам покрај неа и да го пребродиме ова ЗАЕДНО што побрзо.
Колку инјекции, солзи, болка, неуспеси, имаше во целиот процес?
Ви напоменав накратко низ колку процеси поминавме. Мислам дека сопругата прими литри и литри инjекции.
Тони апчиња, што витаминска, што хормонска поддршка, па крвавења во двете бремености кои беа поткрепени со долготрајна терапија за која често знаев да кажам дека производителот треба да ја спонзорира сопругата со терапијата.
Падови имаше премногу. Токму кога ќе помислиш дека сè е во ред, некое бактерииче ќе се закачеше кај сопругата, па повторно стравот се вселуваше во нас.
За неуспесите не сакам да зборувам. Тие се составен дел од овој пат и верувајте дека јас бев баш спремен да се носам со него, но и да ѝ помогнам на сопругата што побрзо да го прифати и да го преброди неуспехот.
Како изгледаше периодот по трансферот на ембриони кај сопругата? Мируваше ли, броеше ли денови, велат дека ова е најтешкиот дел, дали е навистина така?
Трансфер… Колку ли само го сакам овој збор, колку ли само се радував кога ќе враќавме со ембрионче.
Кај нас, и во двата случаи, враќавме бластоцисти. Ќе ви звучи нескромно, но ќе речам дека после трансферот ние ги менувавме улогите дома.
Таа одмораше, ретко стануваше, а јас бев оној кој ја замени неа и се грижеше за домашните обврски во домот. Јас и нашите најблиски.
Тие 12 денови до тестот изгледаат како цела вечност. Како денот да не поминуваше.
А и тестовите заедно ги правевме. Мораше двајцата да ја видиме онаа црвена линија кога ќе се појави.
Како изгледа борбата со неплодноста, долови ни…
Уште порано ми се вртеше мислата дека „Ако нешто си го сакал, а не си го имал, значи недоволно си го сакал“.
Ние и двајцата со сопругата сакавме да имавме дете, на кој било начин.
Најпрво преку ИВФ, а доколку и тоа не успее ќе бараме и друго решение.
Борбата е тешка. Освен психички, треба да си и многу физички спремен, а се разбира и она што става најголема сопка при овој процес се финансиите.
Борбата е тешка со непроспиени ноќи, нервоза, шетање низ болничките ходници од врата до врата. Со оглед на тоа дека сме од Битола и честопати немаше реагенси сме патувале од град во град само за некое испитување.
Чекањето на ваучерот од ФЗОМ исто така ни беше дел од борбата.
Непријателот верувајте е посилен во оваа борба. Сојузници имате, но и тие не се семоќни, не зависи сè од нив. Барањето на терапиите кои ги нема речиси никаде, исто така се дел од оваа борба.
Иако жената е најголем носител на овој товар, морам да кажам дека и најголемиот воин треба да е нејзиниот сопруг.