Симона Петреска, мотиватор и животен тренер: „На минатото треба да гледаме како на учител, а во животот да негуваме само убави мисли“
Луѓето забораваат да бидат благодарни. Тоа на сите ни е познато. Како на благодарноста да ѝ се отстапи повеќе простор во нашето постоење?
Луѓето се фокусираат само на тоа што е надвор од нив, постојано трагаат по материјални богатства, постојано сакаат да ги задоволуваат сите свои потреби без одложување. Сето тоа носи празнина во душата на долгорочно ниво, иако во даден момент се чувствува краткотрајно задоволство од постигнатото.
Човекот е ненаситен, постојано сака сè повеќе и повеќе, и на тој пат се губи целосно. Но, ако бидеме благодарни и среќни со тоа што го имаме во моментот: здрави сме, живи сме, имаме покрив над глава, имаме храна, имаме семејство, луѓе што нè сакаат… ако се научиме на скромност, тогаш ќе се сменат многу работи во нашиот живот на многу подобро.
А кога зборуваме за благодарност, кому треба да му бидеме благодарни? Треба да бидеме благодарни на Бог за сè што имаме, за сè што ни се случува, бидејќи сè што имаме е дадено со Божја љубов и Божјо одобрение. На крајот сè ќе биде добро за нас, а ако не е добро, значи сè уште не е крај!
Нови мисли – нов живот. Како најлесно човекот да се ослободи од сопствените уверувања? Како ти го постигна тоа?
Отец Тадеј кажал: „Какви ти се мислите, таков ќе ти биде и животот!“ и тоа е една голема вистина. Не можете да имате негативни мисли за себе и за другите луѓе, а да очекувате убав живот.
Нашите мисли доколку се повторуваат стануваат ставови, ставовите уверувања, а уверувањата навики, и сето тоа станува програма во нашата потсвест која потоа го детерминира нашиот живот.
За да ги смениме уверувањата, од мое лично искуство, како што кажав претходно, потребно е да бидеме брутално искрени кон себе, да увидиме што не е во ред во нашиот живот, да го прифатиме тоа, постојано да се преиспитуваме.
Доколку некое уверување согледаме дека не ни служи во животот, да го менуваме со свесно создавање на убави мисли кои ќе ги применуваме и во пракса, да зборуваме убаво за себе и за другите, да создаваме убави емоции кон себе и другите, и така полека. но сигурно, ден по ден, со голема верба, трпение и труд ќе се менуваме на подобро.
Симона, со ова прашање ќе го завршиме интервјуто, а ќе биде многу едноставно. Што значи да се спознае радоста на постоењето?
Радоста на постоењето треба да произлезе од нашата душа бидејќи само тогаш тоа е вистинско.
Кога нашата душа е полна со љубов спрема себе и другите, кога го сакаме и правиме доброто само заради доброто, без никакви очекувања и лична корист, кога свесно секогаш се трудиме да живееме чесно, тогаш сето тоа што е во нашата душа, целата љубов, добрина, радост и мир се рефлектираат во секоја клетка од нашето тело, која зрачи со неопислив сјај.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Автор: Е. Х. | Црнобело