Марина Стојановска, некогашен ПР менаџер: „Фановите најбурно реагираа на Врчак, Панчо од ДНК е најголем професионалец на сцената“
Кој од нив беше најлесен за соработка, а со кого ти беше најтешко? Си имаа ли музичарите некакви барања или (моменти) кои те вадеа од такт и ти доаѓаше да се скараш со нив?
Најлесно беше (а верувам дека и сѐ уште е) да се работи со Панчо. Ретко се наоѓа таков професионалец!
Секогаш навремено одговорени прашања за интервју, пред време доаѓаше во студио, секогаш подготвен за емисија, за снимање музички спот. Навистина ретко се наоѓа некој како него.
Најтешко, пак, беше да се работи со сите спанковци. Често доцнеа на интервјуа и затоа морав постојано да ги потсетувам и да проверувам до каде се, што ме вадеше од такт.
Што се однесува до посебни барања во однос на ПР-от, мислам дека беше сосема нормално секој да сака што повеќе да го има во печатените медиуми, а да се биде на насловна страница беше еден вид на престиж.
Колку често мораше да измислуваш изговори за ексклузивците за да ги оправдаш пред некој новинар, газда на локал, обожавател?
Изговорите никогаш не биле дел од мојата работна етика, па секогаш барав решенија за настанатата ситуација.
Како поранешен ТВ-новинар знам колку е важно гостинот за емисијата во живо да се појави во студио во договореното време.
Затоа и сакав да им помогнам на колегите, без оглед на недисциплинираноста на одредени ексклузивци.
А истовремено не сакав да дозволам тоа да влијае на нивната репутација и да ги заштитам нив како ѕвезди.
Ти го работеше ПР-от за Влатко Лозаноски кога пееше на Евровизија. Какво искуство беше тоа?
Евровизија беше едно неповторливо и незаборавно искуство. Бев дел од македонската делегација како тогашен ПР на Лозано, кој заедно со Есма ја претставуваше Македонија на Изборот за песна на Евровизија во Малме, Шведска во 2013 година со песната „Пред да се раздени“.
Организацијата на самиот фестивал беше беспрекорна.
Следевме многу протоколи, се знаеше точно во која минута кој каде ќе биде и немаше отстапување од шемата.
Но и покрај сѐ ова, беше многу забавно, имаше имногу дружење со артистите од другите држави, многу организирани настани со цел промоција на државите и песните, многу интервјуа и слично.