Александра Михајловска, актерка: „Ако не веруваш во бајката што ја создаваш на сцена, нема да веруваат ни децата“
Можеш ли да споделиш некоја незаборавна интеракција што си ја добила од децата по изведба на некоја претстава?
Децата во театар будат радост за сите нас кои што работиме таму.
Интеракции со деца имам на секојдневна основа, но една од подрагите ми е мојата мала другарка Дарија којашто секогаш прави цртеж од мене во мојата улога и доаѓа зад сцена за да ми го подари.
Дарија ја запознав по една претстава пред неколку години и оттогаш сме другарки и таа ги гледа сите наши претстави.
Како најлесно го задржуваш вниманието на детската публика за време на претставата?
Така што си вистински присутен на сцена и веруваш во тоа што го работиш. Може да звучи како клише, но ако не веруваш во бајката што ја создаваш, нема да веруваат ни децата.
Ако не веруваш дека си принц, принцеза, вештерка, ни децата нема да го запомнат принцот, ниту ќе бидат исплашени од вештерката.
Прво треба ние на сцена да се заиграме, за играта да им биде интересна на тие што ја гледаат.
По што се разликува театарската сцена во Куманово од оние од другите градови?
Секој театар има свои специфичности и јас се трудам да ги пратам театрите во другите градови онолку колку што можам, но би сакала да кажам дека за жал тоа што ја разликува театарската сцена во Куманово во овој момент, е немањето на театар.
Нашата театарска зграда е во процес на реновирање, за кој што се надеваме дека нема да трае бесконечно долго.
Тука некаде може да го завршиме разговорот. Што да очекуваме од Театар Куманово во следните месеци?
Во новата сезона којашто почнува во септември ќе имаме премиера на ,,Црвенкапа“, а веднаш потоа ќе почнат подготовките за фестивалот ,,Денови на комедија“.
Се разбира, на репертоар ќе можат да се видат и сите други тековни претстави меѓу кои и најновата „За кого бијат камбаните“.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело