Наташа Колевска: „Добив дијагноза рак на јајници на 35 години, немав симптоми, ја издржав терапијата поради моите две деца“
Зошто медицинските лица од онкологија се луѓе со срце планина?
Докторите на онкологија се прекрасни затоа што секогаш те ислушуваат, даваат соодветни совети, секогаш се подготвени да ти дадат одговор на сите прашања, а пак медицинските сестри се тие кои се подолго време со пациентите.
Тие се секогаш тука кога некој пациент кој прима хемотерапија има потреба од нив. Јас сум многу задоволна од сите медицински сестри кои се во одделот каде се прима хемотерапија.
Што ти падна најтешко во текот на целиот процес?
Во целиот процес најтешко ми беше тоа што не можев да им посветам доволно време на моите две малолетни деца, а се разбира како и на секоја жена, многу тешко ми падна и кога ми падна косата. Тоа го сметам како најголема траума за секоја жена.
Секој ги води животните битки на свој начин, како ја водеше ти твојата?
Точно, секој си ја води сопствената битка на свој начин. Јас мојата ја водев со помош на моето семејство и моите пријатели кои беа покрај мене...
Стоев исправено, ги поднесов сите шокови, сфатив дека има лек, дека со терапиите ќе се доизлечам, дека морам да бидам силна за луѓето кои ги сакам и кои ме сакаат и решив да се борам за да излезам како победник.
Која работа ти беше издувен вентил и ти даваше енергија да го издржиш процесот?
Издувниот вентил ми беше дружење со пријателите, пријатни разговори, присуство на некои приватни забави, а најмногу се опуштав со прошетки низ природа.
Сето ова ми даваше енергија за понатаму.
Сметаш ли дека болеста те направи посилна?
Да, дефинитивно сметам дека сега сум посилна личност.
Станав посилна со одлучноста до крај да ја примам терапијата, а исто така затоа што се борев со оваа болест.
Што промени во начинот на живот?
Најпрво да кажам за исхраната. Ја променив исхраната и исфрлив сè што е бело - бел леб, сол, шеќер, исто така јадев и сè уште јадам многу овошје зеленчук, без консумирање на алкохолен оцет.
Исто така, решив да не придавам значење на мали небитни работи и се трудам стресот и нервозата да ги држам понастрана од мене.
Колку ти се промени погледот на светот и на работите од секојдневието?
Искрено, ќе кажам дека доста ми се промени и сè уште работам на тоа да се променам и јас.
Пробувам да стојам понастрана од стресови, да не обрнувам внимание на малите и небитни работи со кои во минатото сум се оптоварувала, гледам да си направам време само за мене, барем 1 час во денот да го правам тоа што ме исполнува.
Дали навистина луѓето не ги ценат малите работи од секојдневието?
Да, денес во ова хаотично време луѓето само трчаат по скапите работи, скапи автомобили, скапи одмори, подигнување на кредити за да резервираат скапи патувања, за да се пофалат пред пријателите каде биле, а забораваат да уживаат во малите работи како што се семејниот ручек, прошетка во природа со семејството, како и на своето здравје.
На колку време правиш прегледи сега, дали закрепна добро?
Првата контрола ќе ја правам за 3 месеци со соодветни резултати, а закрепнувам сосема добро.
Се чувствувам одлично и спремна сум за нови и подобри работи.
Порака до сите, а особено до оние што во моментот минуваат низ истото…
Порака и апел до сите жени да одат на редовни прегледи, да не го занемаруваат ни малиот аларм кој им го испраќа нивниот организам и тоа да биде без разлика на годините.
И жените кои се во менопауза да вршат редовни прегледи бидејќи ова е подмолна болест.
На тие што го поминуваат истото би им советувала - дружете се, стојте исправено, соочете се со шокот и примајте ја до крај терапијата, само така ќе излеземе посилни, подобри и здрави.
Канцерот не е крај, туку нов почеток.
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Симона Симионова | Црнобело