Светлана Црнокрак ни ги откри тајните за убавина: „Имам чувствително лице, ретко јадам чоколадо и постојано вежбам“
- Детали
- среда, 17 мај 2023
„Секогаш велам дека во животот повеќе сум гладна отколку сита. Од кога паметам за себе јас постојано сум под некои диети, режим на исхрана. Имам бавен метаболизам и доколку не сум физички активна буквално сè се фаќа на мене“, вели Светлана Црнокрак за CRNOBELO.com и во интервју открива каков е нејзиниот режим на исхрана, кои се нејзините ритуали за убавина и кој ѝ е омилениот стил на облекување.
Манекенката Светлана Црнокрак плени со својата грациозност и шарм. Таа и денес го носи епитетот една од најубавите жени во Македонија. Мајка, сопруга, успешна жена, секогаш одмерена, но и убаво дотерана и негувана.
Светлана Црнокрак со многу емоции се сеќава на своите модни почетоци, кога имала 17 години и за времињата поминати на модната сцена.
Во разговор за CRNOBELO.com, освен за модата, таа ни раскажа и за своите ритуали за убавина и фитнес, колку внимава на исхраната и што јаде за да биде во добра форма, но и за елегантниот стил на облекување по кој е препознатлива.
Во продолжение прочитајте го интервјуто со Светлана Црнокрак за CRNOBELO.com:
На колку години почна да се занимаваш со манекенство – се сеќаваш ли на првата ревија, фотосесија?
Со манекенство почнав да се занимавам на неполни 18 години.
Во тинејџерските години, меѓу другото, ги следев модните настани на телевизија, особено изборите за убавина и потајно посакував да бидам дел од тие настани, да бидам дел од модни ревии, фотосесии, реклами.
И така и се случи. Се пријавив на изборот за Мис на Македонија за Гостивар, бидејќи сум од таму, победив и влегов во финалето.
Таму ја освоив наградата прва придружничка на Мис на Македонија и така впрочем почна мојата кариера.
Запознав многу луѓе од таа бранша кои ми ги отворија вратите на модниот свет и следуваа ревии, снимања, фотосесии, учество на многу избори за убавина.
Се преселив во Скопје, каде ги започнав и моите студии.
Предводени од г-дин Марио Липша бевме тим од манекени кои буквално секој викенд имавме ревии и снимања.
Првата ревија мислам дека ми беше во Кичево. Имав многу трема, но бев пресреќна, беше тоа посебно чувство.
Каков би го опишала својот стил на облекување? Што купуваш најмногу од облека или аксесоари и без кое парче никогаш не одиш на пат?
Во принцип мојот стил на облекување е елегантен, бидејќи така најубаво се чувствувам и пронаоѓам себеси. Го сакам гламурот, особено раскошните тоалети, долгите фустани надополнети со добра шминка и фризура.
Нормално, сè зависи и од пригодата. За поопуштени пригоди носам и тренерки со патики, фармерки.
Пасија ми се чевлите и секогаш ми недостасуваат некој пар нови.
А без кое парче не одам на пат? Мора да признаам дека секогаш моите се шегуваат со мене и ме прашуваат дали сум земала тексас јакна која буквално ми е за секоја пригода, и секогаш ми се наоѓа.