Ангела Блажевскa: „На 19 години ми пресадија бели дробови, операцијата траеше 7 часа, сега слободно дишам“
- Детали
- вторник, 16 мај 2023
„Белодробната функција, пред да ја направам операцијата, ми беше само 18% и тоа беше единствениот спас за мене. Трансплантацијата ми беше направена кога имав 19 години, односно пред 7 години. Можам да кажам дека по трансплантацијата јас почнав да живеам“, вели Ангела Блажевскa (26) од Скопје за CRNOBELO.com.
Ангела Блажевска (26) од Скопје, референт за сметководство, e девојка која вели дека сега живее втор живот.
Таа долги години се борела со цистична фиброза, до фаза кога болеста станала критична по нејзиниот живот, па морала да замине во Виена на трансплантација на бели дробови од починат донор.
Сега е пресреќна, вели дека слободно дише и сака да ја поткрене јавната свест за органодарителството.
За CRNOBELO.com таа ја споделува својата приказна:
Кога ти беше дијагностицирана цистична фиброза? На која возраст ти се појавија здравствени проблеми?
Цистична фиброза (ЦФ) ми беше дијагностицирана уште од бебе, а сè до мојата четиринаесетта година успевав да ја одржувам мојата здравствена состојба.
Потоа, почна болеста да прогресира и белодробната функција да ми опаѓа и покрај тоа што бев постојано на антибиотска терапија, проследена со инхалациона терапија.
Последните четири години пред да ми биде извршена трансплантацијата во 2017 година бев постојано на кислородна поддршка, не можев ништо друго да правам освен да сум дома или на венска терапија кога ќе ми се влошеше состојбата.
Белодробната функција, пред да ја направам операцијата, ми беше само 18% и тоа беше единствениот спас за мене.
Кога и на кој начин ти се влоши состојбата и дали донирањето на орган, односно бели дробови, беше единствениот начин за спас?
Болеста сама по себе во одреден период од животот може многу брзо да прогресира и покрај моите напори да останам во добра општа состојба и да, во тој момент за мене беше единствениот излез.
Но, сега пациентите со ЦФ го имаат и лекот Трикафта којшто може да им го промени животот на многу подобро. Јас би била многу среќа доколку сите пациенти со ЦФ го добијат лекот.
На која возраст беше операцијата? Колку беше долг и стресен процесот?
Трансплантацијата ми беше направена кога имав 19 години, односно пред 7 години.
Процесот беше долг, а првпат отидов во Виена во 2014 година на првиот преглед и консултација со тимот, па потоа ме ставија на листа на чекање за трансплантација и на 27.04.2016 ми беше извршена трансплантацијата.
Побараа ли прво соодветен донор во кругот на твоето семејство? Како изгледаше процесот?
Ми беше понудено прво да бидат донори моите родители, но потоа одлучија да ме стават на листа за да добијам орган од донор иако нашата држава не е членка на Евротранспант.
За жал, тоа веќе тоа не го дозволуваат, односно не примаат нови пациенти, којшто доаѓаат од држави каде што дарувањето на органи е во многу мал процент.
Како испадна токму Виена да биде местото за изведување на оваа процедура?
Мојата докторка проф. д-р Стојка Нацева Фуштиќ на којашто исто така сум ѝ неизмерно благодарна за нејзината професионалност и грижа, како за мене, така и за сите пациенти со ЦФ, ми ја предложи трансплантацијата во Виена и таа го контактираше тимот во Виена дека има кандидат за трансплантација.
Каков беше денот на операцијата?
Таа ноќ кога ми заѕвони телефонот од АКХ болницата во Виена и ми рекоа дека има потенцијален донор за мене, да се спремам ќе дојдат да ме земат.
Бев пресреќна и знаев дека ќе успеам. Тогаш престојував во Виена.
Потоа ми направија уште некои испитувања и ми рекоа дека ќе ја извршиме трансплантацијата, органот одговараше.
Кога се упатував кон операциската сала немав воопшто страв затоа што верував во нив и во себе. Операцијата траеше 7 часа, а кога се разбудив чувството беше непроценливо конечно можев да дишам слободно.
Дали твоето тело веднаш го прифати органот, како изгледаше твојот процес на закрепнување?
Да, сè беше во најдобар ред. Престојував уште 4 месеци, а по операцијата во Виена одев на контроли и вежби, првата година е најважна за да се одржи органот.