Снешка живее во Германија: „Дојдовме со ранци, по 2 години си купивме стан - побегнавме зашто нашите деца заслужуваат подобро“

Дали Моерс е поевтин за живот во споредба со другите градови во Германија?

Дали Моерс е поевтин од другите градови? Хм…

За да одговорам морам прво да појаснам како е во гигантите од градови.

Градови како Минхен, Берлин и слично се скапи. Можеби не толку храна и сметки, тоа е од прилика исто на секаде, но кириите и цените на недвижнини во тие градови се марсовски.

На пример, моја другарка плаќаше кирија за соба, значи за соба, во Минхен 1.200 евра. Ова реално е највисоката цена за соба која ја имам слушнато. Најчесто се по 400-500 евра соба или кревет.

Некој може ќе рече: „Епа нека си најде поевтино“.

Но не е така. Според некои статистки на Германија ѝ недостасуваат 4 милиони живеалишта (станови, куќи). Значи луѓето немаат секогаш избор, земаат што најдат.

Моерс не е тој тип на град, не е толку скап, но има и поевтини градови од Моерс.

Убавината и вредноста на Моерс се во мирот, тишината и среденоста. Криминал да речам нема, ќе излажам, но безбеден град е. Имав среќа и разговарав со полицаец којшто е роден и растен во овој крај и нормално веднаш прашав:

- Безбедно ли е?

Задоволно и самоуверено ми одмавна:

- Безбедно е уживај.

Не велам дека ништо не се случува, но исклучоци се оние работи кои во Македонија беа секојдневие.

sneshka-zhivee-vo-germanija-dojdovme-so-ranci-po-2-godini-si-kupivme-stan-pobegnavme-zashto-nashite-deca-zasluzhuvaat-podobro-20.jpg

Лесно ли беше да најдете сместување и работа на почетокот? Имавте ли помош и поддршка од нашинците таму?

Сместување не е воопшто лесно да се најде. Воопшто не е лесно. Становите најчесто се издаваат и комплетно празни. На сопствениците така им е полесно. Помалку проблеми имаат. Празен го наоѓаш, празен го оставаш. Нема што да се оштети или уништи.

Но кога ќе дојдеш тука, нов, со ранец, празен стан е потешкиот пат.

За да најдеш стан во Германија потребно е да имаш три платни листи (доказ за три примени плати). Ние тоа го немавме. Исто така, потребно е да се плати кауција од две до три кирии. На цела среќа тоа го имавме.

На уште поголема среќа од нашинци ги имавме милите Тања и Блашко коишто ни најдоа стан од сопственик којшто не бара платни листи. Место платни листи, плаќавме повисока кирија.

Но тоа што имавме стан беше чиста среќа и вложување на труд на Тања и Блашко.

Сопственикот на почетокот не сакал потстанари со деца, но Тања со разговор ги убедила дека само 2-3 месеци ќе бидеме таму, колку да стигнат платните листи и потоа ќе заминеме.

sneshka-zhivee-vo-germanija-dojdovme-so-ranci-po-2-godini-si-kupivme-stan-pobegnavme-zashto-nashite-deca-zasluzhuvaat-podobro-24.jpg

Тоа беше нашиот почеток. Не смеам да се пожалам, сметам дека имавме многу лесен почеток. Наместено поткровје, многу симпатично и удобно, во куќа во мирна еднонасочна уличка во центарот на Моерс.

Поминаа двата месеци и како што бива со сите отселени од Македонија и нас нè стигна муабетот: Газдата многу нè засака, па наместо да се отселиме од куќата, сопственикот ни понуди да се преселиме еден кат подоле во истата куќа.

Така две години останавме во истата куќа, со комшии и сопственици со кои сè уште сме во контакт. Навистина многу убаво живеевме со нив.

Во еден разговор со сопственикот тој ми кажа:

- Јас не сакав деца во куќава.

- Тогаш како се одлучи ние да живееме тука, со две деца и јас трудна?

Само ми одговори:

- Судбина…

Често се случуваше да тропнат на врата, да прашаат дали може Филип Путински (година-две бебе) да го земат кај нив, јас да сум се одморела.

Дека никогаш не сум се жалела и секогаш сум била насмеана, но тие знаеле дека сум уморна. Слики од нас и нив сè уште се закачени во влезот на куќата, иако ние не живееме таму скоро година и пол. Две години бевме како семејство, тоа не се брише лесно.

Дури и сега, кога заминуваат од куќата, на одмор или на пат, ни се јавуваат нам да полееме, да сме таму. Како што реков, многу убаво живеевме и живееме.

Покрај поддршката од Тања и Блашко, имавме поддршка од Горан и Горде и моите другарки од нашата мајчинска ауслендерска група. Другарки порано од нас дојдени тука, секогаш спремни да помогнат со совет, информација, да си поделиме радост и тага.

sneshka-trajkovska-za-zhivotot-vo-germanija-dojdovme-so-ranci-no-po-2-godini-si-kupivme-stan-pobegnavme-zoshto-nashite-deca-zasluzhuvaat-podobro-11.jpgПорта Вестфалика, Германија

Во Германија го запознавме и Саше. И со него си имаме блискост и разбирање, си се чуваме и помагаме.

Сакам да си ги спомнам и моите пријатели Германци.

Мојата другарка Мари со нејзиното семејство. Од сите Германци неа прва ја запознав. Се запознавме на игралиште, уште на почетокот кога дојдовме.

Таа е моја германска ѕвездичка. Над мене постојано. Премила пријателка. Полна со љубов и внимание, подароци и колачиња за Божиќ, родендени на децата, како и заеднички дружби со нејзините пријатели. Не се двоумеше да ме вклопи во нејзиниот живот, како отсекогаш да сме заедно.

Комуницираме на англиски. Иако таа ми рече: Знам дека немаш со кого да зборуваш германски, ако сакаш на секоја наша средба ќе вежбаме малку.

Не сакав. Имав премногу пропуштено од животот без неа и мораше да се надокнади.

Ја имам и Ана, исто така Германка, која секоја можна прилика нè кани на дружба, со нејзиното друштво и ме вклучува во сите активности. Го кажувам ова бидејќи често слушам како Германците не биле дружељубиви, не те канеле никогаш никаде… Ете, јас такво искуство немам.

Го имам и Јоханес, Германец. Едвај чека да појдеме кај него на гости.

- Ова е фрижидерот, ова е куќата, сè е ваше, чувствувајте се како дома.

Ова ни го кажа првиот пат кога бевме на гости. Така и остана.

По однос на работа, следејќи ги советите на Блашко, лесно се почна и со работа. Тој ни советуваше да се аплицира за работа онлајн уште додека сме во Македонија. Штом ни одговорат за интервју, да закажеме дата која би ни одговарала.

Па така, Мартин, пристигна на 19 ноември, интервјуто беше закажано за 20 ноември. На цела среќа, почна со работа десетина дена подоцна. Работите се одвиваа релативно лесно.

Морам да кажам и секогаш кажувам колку многу помогнаа советите на Тања и Блашко и нивната поддршка. Никогаш нема да го заборавам тоа.

sneshka-trajkovska-za-zhivotot-vo-germanija-dojdovme-so-ranci-no-po-2-godini-si-kupivme-stan-pobegnavme-zoshto-nashite-deca-zasluzhuvaat-podobro-12.jpgАјндховен, Холандија

Кога заминавте не знаевте германски, можеш ли да ни опишеш како одеше комуникацијата на почетокот?

Точно, кога заминавме не знаевме германски. Одлуката ја донесовме и реализиравме толку брзо, што немаше време ни на курс да се запишеме. Дојдовме во Германија само со познавање на англиски јазик.

Мартин така и се вработи во „Амазон“. Тоа е фирма во која може да се работи со англиски и германски јазик. Геманскиот го учеше и совладуваше со колегите и претпоставените.

Јас требаше кога ќе дојдам да се запишам на интеграциски курс, но само што дојдовме почна короната и светот стивна.

Не можев да чекам да се отворат училиштата, па учев германски од апликација „Дуо линго“ на мобилен и од лекции на Јутјуб. Да не тапкам во место мрдав како што можев во моментот. Подоцна почнав и со онлајн часови со учителка Кате.

Сè уште не сум на тоа ниво каде што сакам да бидам, но не се откажувам. Го гледам мојот напредок и среќна сум за секоја капка. Со три деца, во корона, учи со едното, учи со другото, чувај го бебето, супер напредувам.

Не одам на работа бидејќи нема градинка за Филип и дома сум со него. Мојата комуникација и користење на германскиот се минимални, но сè ќе дојде на свое место кога ќе се вработам.

Инаку, проблем со тоа што сме дојденци (ауслендери) не сме имале никогаш и никаде. Во сите институции, училишта, ординации, продавници, банки љубезно сме биле услужувани и секој вработен којшто знаел англиски се трудел да комуницира на англиски.

sneshka-trajkovska-za-zhivotot-vo-germanija-dojdovme-so-ranci-no-po-2-godini-si-kupivme-stan-pobegnavme-zoshto-nashite-deca-zasluzhuvaat-podobro-07.jpg

Продолжува на следната страница...


Би можело да ве интересира:

Стефан Лазаров за љубовта со Марта: „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успе... „Таа е жената со која ќе направам сè - фамилија, ќе делам и успеси и падови. Ние...
Петар Грашо за CRNOBELO: „Кога се роди Алба бев во Охрид, тие 10 часа додека патував до дома ми беа ... „Кога стигнав во болницата, ме одведоа во делот со бебињата и ми рекоа: 'Ов...
Маја Саздановска: „И по 30 години од песната ‘Во светот на бајките’, добивам видеа од родители кои г... „Од моето најрано детство, баба ми ме качуваше на столче кога ќе ѝ дојдеа другар...
Александра Радовиќ за CRNOBELO: „Се трудам да ја научам ќерка ми на вистинските вредности“ „Би сакала да пеам со Калиопи, таа е вонсериска пејачка. Се сретнавме пред некол...
Иван Босиљчиќ за CRNOBELO: „Јелена ме научи да бидам романтичен, порано не бев како ликовите што ги ... „На 6 години добив брат, а многу сакав сестра. Родителите ми велеа дека ќе имам ...
Стефан Миленковиќ за CRNOBELO: „Секогаш со задоволство се враќам во Македонија, го сакам вашиот ајва... „И понатаму свирам на виолината изработена во 1783 година. Таа била во сопствено...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg