Наташа Трајчевски: „Веќе 5 години Кипар ми е дом - сопругот игра фудбал тука, со ќерките постојано сме на плажа“
- Детали
- понеделник, 06 март 2023
„Кипар, како дом, е прекрасен, го сакам морето, сонцето во текот на скоро целата година, палмите ми се најубавата секојдневна глетка, традиционалната храна им е неверојатна... Само турскиот дел на главниот град Никозија е позапустен, нечист, има постари градби, додека пак грчката страна е совршена“, споделува Наташа Трајчевски (32) од Скопје за CRNOBELO.com.
Наташа Трајчевски (32) од Скопје, дипломиран историчар на уметност на Филозофскиот факултет, веќе 6 години е во брак со фудбалерот Душко Трајчевски, а плод на нивната љубов се двете ќеркички Јоана и Теодосија
Веќе 5 години семејството живее на прекрасниот Кипар. Моментално во главниот град Никозија, од каде што и потекнува фудбалскиот клуб на Душко „Doxa Katokopias“.
Во интервју за CRNOBELO.com Наташа открива како изгледа животот таму:
Колку е тешко да се биде сопруга на фудбалер? Да се спакуваш и да градиш одново живот на ново место или пак тоа се слатки маки? Како реагираат децата?
Не се жалам, но и не е лесно, сè во животот е навика и ако се сака се може.
Сепак, фудбалот е неговата професија и најголема љубов, а јас и децата сме секогаш до него да го поддржуваме во кариерата, каде е тато - таму и ние, така сите сме среќни, исполнети и заедно.
Како е Кипар да ти биде дом? Каква е климата?
Кипар е прекрасен, го сакам морето, сонцето во текот на скоро целата година, палмите ми се најубавата секојдневна глетка, традиционалната храна (мезе, халуми, суфла, клефтико, зиванија итн.).
Ми се допаѓа и гостопримливоста, луѓето, културата, историја, ноќен живот итн.
Летото започнува во април, а завршува во ноември. Температурите може да се искачат до 45 степени Целзиусови.
Јануари и февруари е зима со температура навечер од 5 степени.
Како ти изгледа секојдневието таму? Долови ни еден твој ден... Одите ли често на плажа?
Секојдневниот живот е многу сличен на нашиот, луѓето се постојано надвор, кафулињата и таверните се секогаш полни, едноставно знаат да уживаат, а обврските ги оставаат за утре.
Секој слободен ден го користиме да отидеме на плажа, а често одиме во Ларнака, каде што и живеевме 2 години.
Какви се локалците? Има ли многу дојденци што живеат таму? Има ли други Македонци?
Од локалците сме пријатно изненадени, тие се љубезни, гостопримливи, културни, одлични пријатели, отворени за дружба.
Стекнавме многу познанства и се дружиме до ден денес. Не сме многу на број, но нè има и Македонци, повеќето се фудбалери со нивните фамилии, со кои исто така секојдневно имаме дружба.
Кои се најспектакуларните работи во Кипар, кој секој турист мора да ги посети?
Од најспектакуларни работи на Кипар издвојувам: Песочната плажа Fig Tree Bay (Протарас) која е прогласена за трета најдобра плажа во Европа, потоа тука е и најпознатата и најатрактивна Nissi Beach (Аја Напа), па Tombs of the kings (Пафос), Aphrodite's rock (Пафос), Adonis Bath Waterfall (Пафос), Church of St.Lazarus (Ларнака), Love Bridge (Аја Напа) итн.