Александар од Скопје за Бразил: „Летот со хеликоптер над Рио е фасцинантен, локалците не знаат англиски, а пивото го служат полусмрзнато“
- Детали
- понеделник, 20 март 2023
„Целиот град Рио ме воодушеви и ме остави без здив со миксот на култура, луѓе, природата, но истовремено и ме разочара со преголемиот број на бездомници и нечистотија во самиот центар на градот. Очекував статуата на Исус Христос да биде поголема, но милениумскиот крст на Водно е поголем“ - вели во интервју за CRNOBELO.com Александар Алексовски, пејзажен фотограф од Скопје, кој заедно со својата девојка одлучи Новата година да ја дочека на плажата Копакабана во Бразил.
Александар Алексовски од Скопје е софтверски тестер и пејзажен фотограф кој сака да истражува нови локации во слободно време.
Освен со фотографијата се занимава и со театарска и филмска глума. Покрај неговата креативна страна, сака да биде и физички активен, па затоа често планинари, игра кошарка и фудбал.
Со пејзажна фотографија се занимава веќе девет години и тоа претставува голем двигател и мотиватор во неговиот живот.
Една од неговите најголемите достигнувања во светот на фотографијата е објавата на неговата фотографија од езерото Козјак од страна на Nikon во САД.
Александар на својот Инстаграм профил редовно споделува дел од своите патувања во Македонија и светот.
Во продолжение следува разговор со Александар кој ни раскажува за неговото патешествие во Бразил заедно со девојка му.
Твоето патување за Бразил започна со одложување на летот Скопје – Истанбул, што прво ти падна на памет кога ја слушна веста за одложениот лет и како се одвиваше понатамошното патување?
Кога слушнав на разглас дека летот Скопје – Истанбул е одложен знаев дека ќе го пропуштиме вториот лет Истанбул – Сао Паоло. Што претставуваше голем проблем бидејќи секој ден ни беше точно испланиран и од значење.
На крајот дојде до промена на планот и градот Салвадор го отстранивме од нашата програма за патување.
Во Истанбул стигнавме истиот ден вечерта, но следниот лет за Сао Паоло беше дури утредента.
Бидејќи требаше да се чека повеќе од десет часа на аеродромот, авиокомпанијата ни обезбеди хотелско сместување.
Во хотелот вечеравме и легнавме да се одмориме бидејќи следниот ден нè чекаше четиринаесет часовно патување со авион до друг континент.
Пред подетално да навлеземе во патувањето сакам да те прашам зошто се одлучи токму за Бразил?
Искрено Бразил не беше првичната опција за ова патување. На почетокот со девојка ми разгледувавме опции за да го посетиме Тајланд.
Но имаше премногу компликации со визата за да патуваме во наша сопствена режија на таа локација. Така што одлучивме дека сакаме да посетиме некоја држава со тропска клима, каде што нема да ни е потребно виза и ќе можеме новата година за прв пат да ја дочекаме во лето на плажа.
Во потесниот избор влегоа Аргентина и Бразил, па бидејќи имаме пријатели во Бразил се одлучивме да ја искористиме можноста да ги посетиме и нив.
Секако преубавата природа, културата, бескрајните плажи, храната и можноста за посета на прекрасните знаменитости во Бразил претставуваа само дополнителен мотиватор за посетата.
Правевте ли некое посебно истражување за Бразил и агенда или едноставно се препуштивте работите спонтано да се одвиваат?
Истражував најмалку еден месец за кои локации да ги посетиме, од кој кадар да ги фотографирам во зависност од времето на изгревање и заоѓање на сонцето.
Каде да се сместиме, кои оператори нудат најдобри опции за интернет, бидејќи тоа дефинитивно ни беше една од најважните работи. Не само за навигација туку и за разбирање со локалците, a 95% од нив не разбираа англиски јазик.
Потоа ги истражував летовите и авиокомпаниите во Бразил, за да можеме да посетиме толку многу различни дестинации за краток временски период.
Исто така истражував за картите кои требаше да се купат за да се посетат знаменитостите, цена на прехранбените производи, превоз со Убер, рентање на кола, цени на горивата, рентање на АТВ.
Проверив и кои валути се користат, на кој начин може да се плаќа и дали банкоматите ќе ги прифатат нашите картички за плаќање.
Читав на интернет за големиот број на препораки за безбедност, во кои предели да се движиме, во кој период од денот, ранците да ги носиме со прерамките свртени пред нас за да не бидеме ограбени и многу други совети.
Со мене носев и голема опрема за фотографирање и дрон, за кои исто така морав да се информирам за царинските постапки и за дозволата за летање на дронот.
Што прво ти го привлече вниманието по слетувањето во Сао Паоло?
Прво нешто што забележав уште додека прелетувавме над Сао Паоло беше контрастот помеѓу огромното количество на зелена шума и сивилото на куќите и зградите.
Откако се симнавме од авионот одма ја почувствувавме различната клима, топлината и влажноста во воздухот на која ни требаше краток период да се навикнеме.
Откако се сместивме и имавме можност подобро да се запознаеме со градот, забележав дека визуелно хоризонтот на којшто заоѓа сонцето ми делува многу поотворен и поширок од вообичаено.
Најпрвин не можев да сфатам која е причината, но откако ми се смирија првичните импресии забележав дека благодарение на отсуството на високи планини во околината хоризонтот и облаците делуваат многу поголеми.
Рио де Жанеиро – сон за сите патувачи и авантуристи. Што најмногу те фасцинираше од градот?
Многу работи ме фасцинираа кога е во прашање Рио, но можеби највеќе коегзистенцијата на природата со модерниот дел од градот.
Може да се наоѓаш во самиот центар на градот, да седнеш во ресторан и повторно да си во близина на парк со прекрасни дрвја и природа или плажи на кои можеш да гледаш како сонцето полека заоѓа зад хоризонтот.
Кои знаменитости ги посетивте во Рио де Жанеиро и околината?
Првата локација на списокот за посетување се разбира беше статуата на Исус Христос Искупителот. До нејзе стигнавме со електричната железница која преку разновидната вегетација и шума нè однесе до врвот на планината Корковадо, каде што следеше прекрасен поглед на целиот град.
Уште еден поглед што не се пропушта е погледот од врвот на планината Sugarloaf.
Особено за време на зајдисонце, каде што може да се видат зраците како пробиваат помеѓу планините и го бојат градот во топли бои.
Следно за посетување беше познатата плажа Копакабана, каде што следеше бањање во свежиот Атлантски Океан и прошетка по бескрајната плажа за да се стоплиме.
Во Рио успеавме да ја посетиме и ботаничката градина која е показател на разновидноста на бразилската и странската флора, во која постојат околу 6.500 видови од кои дел од нив се и загрозени.