Дамјан Гроздановски живее во Белгија: „Брисел е град кој вреди да се посети, но има вистински проблем со бездомниците и ѓубрето“
Кој град од Белгија ти е омилен (и зошто)?
Градовите во Фландрија (северниот дел на Белгија) се навистина многу убави, Антверпен, Гент, Бриж, Лувен се прекрасни (и доста богати) градови.
Исклучок е брегот каде имаат изградено огромни градби, како ѕид до самата плажа.
За омилен град, се двоумам помеѓу Бриж и Антверпен, но Бриж е доста мал, па затоа би одел со Антверпен кој има голема река, чист е и среден, што е зачудувачки бидејќи е најголемиот во Белгија и по територија и по население.
Природата е поубава во Валонија (јужниот дел на Белгија), пример Динан е опколен со густи шуми и високи карпи. Кога ќе размислам, Брисел е еден од понеубавите градови во Белгија.
Има ли многу туристи?
Секако дека има, особено во лето и околу Божиќ. Божиќниот пазар лани беше навистина неверојатен, па се надевам и оваа година ќе биде исто.
Какво темпо на живот водат локалците? Имаат ли интересни навики во секојдневието?
За жал, немам многу контакт со локалците за да им ги знам навиките. Но, од тоа што го гледам наоколу, го имаат францускиот бунтовен дух и многу често има штрајкови и блокади, па и насилни протести.
Исто така, го имаат и француското непознавање на англискиот јазик. Во секој случај, секогаш кога сум имал контакт биле коректни и пријателски настроени.
Каков е јавниот превоз?
Јавниот превоз е една од најдобро организираните работи, особено меѓуградските возови, кои скоро никогаш не доцнат, чисти се, евтини, брзи и удобни.
Скоро во секој дел од Белгија може да се стигне со воз, што ни е основно превозно средство во групата за планинарење.
И во Брисел јавниот превоз е одличен, но низ град секогаш користам велосипед.
Висок ли е стандардот на живот? Некоја цена оттаму кафе/пиво...
Стандардот е висок, минималната плата е околу 1.800 евра, но треба да се има предвид дека кирија за просечен стан е 800-900 евра...
Цените на основни производи во маркет се двојно од кај нас, а во ресторани е 2-3 пати поскапо.
Пример, половина литро од најевтиното локално пиво е 300 денари, еспресо е 200 денари.
Имаше ли некој непријатен миг таму?
Телефонот украден од џеб, а после 3 месеци телефонот се вклучи во Дакар, Сенегал, се поздравивме накратко со батето и го снема засекогаш , а и на третина од луѓето кои ги знам им имаат украдено или телефон, или паричник или велоспед.
Девојките често се жалат дека ги ‘задеваат’ низ град, а за жал сум слушнал и за посериозни работи...
Кое е најубавото место таму?
Досега најголем впечаток во Брисел ми остави плоштадот во декември, пред Божиќ.
Навистина е убаво, а има и евтини летови од Скопје (до Шарлероа), па на секој кој има прилика му препорачува да дојде на неколку денови .
И убаво е што Брисел е добро поврзан, па брзо и лесно се стигнува до околните градови/држави.
Каде одат локалците на одмор, а и ти?
Најчесто стандардни локации се Шпанија, Италија, Грција и Хрватска, а многу Белгијци одат и на белгискиот брег, кој според мене е целосно упропастен од огромни згради.