Татјана Лазаревска за животот во Австралија: „Во Мелбурн има многу Македонци, локалците не готват - се хранат само по ресторани“
- Детали
- вторник, 18 октомври 2022
„Австралија беше дестинација што јас и сопругот најмногу пати сме ја посетиле во кариерата, двајцата по дури седумпати, a потоа цели 2 години го разработувавме планот за да се пресeлиме таму. Типичните Австралијци се поразлични од нас, тие интензивно работат преку неделата и не се дружат, а за викенди уживаат и трошат на патувања...“, споделува пејачката Татјана Лазаревска за CRNOBELO.com.
Пејачката Татјана Лазаревска и нејзиниот сопруг Новица, заедно со синовите Стефан и Петар, одлучија да се преселат во Австралија и веќе со години го нарекуваат овој континент свој дом.
Тие живеат во Мелбурн, но не забораваат на корените и секогаш кога имаат можност ја посетуваат Македонија.
Татјана вели дека најмногу од сè им недостасува фамилијата и пријателите од Македонија, а на поле кариера се сосема среќни и задоволни затоа што и таму ноќите им минуваат со песна, нешто што тие двајца најдобро го знаат и умеат.
Нивните музички кариери ги продолжија таму, иако Новица работи и како возач на автобус во јавен превоз.
За CRNOBELO.com Татјана споделува детали од животот во Австралија:
Зошто токму Австралија? Кога прво ви падна на ум идејата да се преселите и колку време беше потребно до реализација?
Австралија беше дестинација што јас и сопругот најповеќе сме ја посетиле во кариерата, двајцата по 7 пати и тоа ни овозможи доволно време да ја разгледаме подетално и да ја бендисаме.
Цели 2 години го разработувавме планот за да се пресeлиме во Австралија.
Ти се допадна ли Австралија уште при првата посета?
Моето најпрво доаѓање во Австралија беше во далечната 1998 година, и да навистина беше љубов на прв поглед.
Нормално, затоа што сè беше поразлично од Македонија.
Зошто Австралија е уникатна земја?
Па, не знам дали е баш уникатна, за кого како, меѓутоа сигурно е поразлична. Различен е начинот односно темпото на живеење, различен е образовниот систем, здравството итн.
Како ти изгледа секојдневието?
Секојдневието е овде за повеќето луѓе слично. Тоа значи преку неделата луѓето работат и помалку се дружат, а преку викендот социјалниот и ноќниот живот се доста активни.
Колку брзо се снајдовте на поле кариера? Имате ли често настапи?
Нашите кариери овде во Австралија воопшто не застанаа, напротив продолжија со исто темпо.
Свирки и настапи има скоро секој викенд и тоа нè прави исклучително среќни и нас, а и публиката.
Долови ни ја атмосферата од местото каде што живеете… Што оттаму би си посакале во Македонија?
Ние живееме во Мелбурн и тоа во делот каде има највеќе Македонци. Наменски го одбравме ова место за да бидеме меѓу нашите заради сè, па и заради нашата музика.
Овде има буквално сè што ни е потребно за да не се чувствуваме осамени во туѓина.