Никица Ацева: „Атлантскиот Океан е студен, но во Португалија ќе имате еден од најубавите одмори во животот“
Зошто оваа држава е уникатна? Што те воодушеви најмногу таму?
Уникатни се нивните навики. Искрено не знам кога работат луѓето таму. Утрото го започнуваат со убав појадок, а од 12 до 15 имаат доцен појадок познат како „brunching“ и тоа е многу популарно.
Буквално сите кафулиња од таков тип се полни, едвај се наоѓа маса и тие оброци се обилни и те држат сит до вечерта, така што нема класичен ручек, туку директно се префрлаат на доцен ручек или рана вечера. Што нè води до следното нешто што сакам да го кажам, а тоа е дека вечерта повторно сите излегуваат и се собираат во таканаречени улични камиончиња со дрвени клупи и маси од кои ечи португалска музика, и во кои се служат традиционални јадења, како риба, традиционална супа, колбаси итн.
Многу е интересно што сето ова се одвива буквално на улица, значи до масата поминуваат возила, а локалците се веселат, јадат, и пијат локално пиво и сангрија. Мислам дека секој би посакал едно вакво секојдневие и беше преубаво да се види и почувствува, па барем и на неколку дена.
Инаку нешто што забележав и ми беше многу фасцинантно и би можела да го издвојам како типично бидејќи не сум го видела на друго место досега, е тоа што првите кафулиња што ги спомнав за појадок околу 15 часот веќе затвораат, а вторите пак отвораат подоцна околу 18 часот, значи на некој начин не си пречат во работата, секој со својата дејност во свое време.
Во меѓувреме ретко нешто е отворено, така што не се оставајте гладни од 15-18.
Настрана од храната познати се повеќе места од кои има преубави погледи на различни страни од градот. Повеќето од нив се бесплатни и достапни за секого во секое време.
Во јуни имаат фестивали кои се случуваат секоја година и се презабавани и преполни, се одвиваат на неколку локации во градот и убаво е да се видат сите, но на мене најголем впечаток ми оставија овие две локации: Алфама и Баиро Алто. Едно е сигурно: Португалците знаат да се забавуваат!
Имаше ли многу туристи? Од кои земји? Сретна ли Македонци?
Туристи има премногу, но повеќето се интернационалци, Македонци не сретнав.
Какви се цените? Некоја цена оттаму кафе / пиво…
Па бидејќи одевме од Германија, немаше некоја голема разлика во цените. Кафе беше од 2.50-3.50 евра, во зависност од кафето и од местото каде седиш, а пивото исто варираше од 2.50-3.50 евра.
Какви се плажите?
Со оглед на тоа дека Алгарве излегува на океан, водата е навистина студена, барем во јуни бидејќи уште не беше доволно загреана, но генерално преубава, чиста, без алги, и немаше многу бранови.
Овој период е поубав за луѓето што не сакаат да чекаат редици за главните атракции, бидејќи во неколку наврати водичите ни кажаа дека во август се чека и по два часа за влез кон пештерите и недостапните плажи.