Марија Андоновска: „Москва за Нова година е бајка, но кога слетавме беше -17 Целзиусови степени“
Зошто Црвениот плоштад е посебна приказна?
Црвениот плоштад е посебна приказна, пред сè поради големината, бојата и убавината. Црвениот плоштад има правоаголна форма и вкупно зафаќа површина од 73.000 m2. Надополнет со многу архитектонски обележја и атракции како палатата Кремељ, Базиликата Свети Василиј, која е најпосетуваната на Црвениот плоштад, Пиринејската порта и капела, Мавзолејот на Ленин, ЦУМ и ГУМ галериите кои се најпознати шопинг центри во Москва.
И сето ова украсено со милиони сијалички и многу декорации, во еден момент да се замислиш дали си во некоја 3Д анимација.
Какво темпо на живот водат локалците? Има ли еуфорија периодов?
Локалците водат многу брзо темпо на живот, кога си во Москва ти фалат неколку часа во денот, прво поради тоа што без разлика кој дел од денот е, и иако имаат коловози со по 8 ленти во еден правец, метежот во сообраќај не можеш да ја избегнеш. Еуфоријата е насекаде, сите се насмеани прекултурни, весели.
Ние бевме сместени кај Тимур и Ирина, кои живеат во прекрасен луксузен комплекс, затворена населба на еден час од центарот на Москва, и тоа е буквално како мал град во град, со СПА центри, теретани, маркети, ресторани, хотели, за деца посебни хотели за гимнастика, бокс и сите останати спортови и многу игралишта на отворено. Еден дел е во шума, многу зеленило и во тој дел луѓето се поопуштени, сите се на санки со деца насмеани, секој што ќе те сретне ти честита празници, иако не зборуваат многу англиски, тие се многу гостопримлив народ.
Имаше ли некој непријатен миг таму?
Воопшто не, како што веќе кажав, Москва е град со огромен број на туристи на годишно ниво, па локалците се навикнати на странци, барем ние не доживеавме непријатности.
Кое е најубавото место таму?
Јас искрено не можам да издвојам најубаво место, Москва е прекрасна во секој поглед.
Можам само да кажам дека бев многу изненадена од областа Москва Сити, која претставува бизнис центар, и каде што моментално се сместени пет од десетте највисоки згради во Европа, и се карактеризираат како супервисоко поради тоа што надминуваат висина од 300 m и повеќе.
Во тие облакодери има и семејно домување, како и деловни простори со трговски центри и ресторани. Ние вечеравме во еден ресторан на 65-ти кат и погледот беше неверојатен.
Пред да одиме во Москва што треба да знаеме?
Дека Русија е повеќе од држава позната по пијалакот вотка, не е премногу студено ако си топло облечен, дури и во зима, дека Москва е многу напредна со технологија, сè се плаќа со картичка или преку апликација на телефон.
Има многу работи да се видат и не се оди помалку од една седмица. Луѓето не зборуваат многу англиски, но сите се премногу љубезни.
Беше ли многу студено?
Зависи, имаше денови кога беше-17 и денови кога беше 3 степени. Сè додека не дува ветер е во ред ако имаш на себе задолжително шал, капа, ракавици и дебела јакна.
Но. доколку дува ветер повеќе од 10-15 минути не можеш да си надвор.