Ангела Трајкоска: „Во Кападокија турски чај е 30 денари, а летот со балон е незаборавно искуство“
- Детали
- вторник, 09 ноември 2021
„Престојот во некој од пештерските хотели во Кападокија е задолжителен за комплетно патување низ времето и доживување на животот на луѓето кои во минатото живееле во Кападокија, а летот со балон од 1 час чини околу 120 евра и е нешто што не се заборава“, раскажува 24-годишната Ангела од Прилеп.
Ангела Трајкоска (24) од Прилеп, по професија е туристички работник во агенција, која е фамилијарен бизнис, и која ги обожава патувањата не само како дел од професијата, туку и приватно.
Годинава како есенска дестинација за посета ја одбрала Кападокија во Турција.
Досега ги има посетено Египет, Шведска, Тексас, Италија, Шпанија, Франција, но вели дека Кападокија има посебна магија.
Ангела за CRNOBELO.com ги споделува искуствата оттаму:
Зошто токму Кападокија како дестинација за одмор?
Секогаш во есен, сакам да правам екскурзии кои не се типичен одмор со плажа и море, па затоа одбрав да ја истражам Кападокија.
Претходните две години за време на пандемијата размислував која би ми била број еден дестинација откако ќе отворат границите. Двоумејќи се помеѓу Санторини, Бора Бора и Кападокија, повеќепати посетената Турција и нивното гостопримство беа клучни за повторно да ја одберам како дестинација, но овој пат не во Анталија, туку екскурзија во Кападокија.
Заинтригирана да престојувам во пештерските хотели, да научам повеќе за историјата на Анатолија, да пробам традиционална храна и пијалаци и се разбира секое изгрејсонце да имам можност да уживам во глетката на балоните, реков ДА на едно од моите поневообичаени патувања.
Во кој период од годината беше таму и кој период мислиш дека е најдобро да се посети Кападокија?
Моето патување се одвиваше на почетокот од месец октомври. Бидејќи најдобар период за посета на Кападокија е во пролет или есен, поради пријатните временски услови, се одлучив да одам токму во есен. Температурите се движеа од 19 до 25 степени, што ни овозможи пријатни прошетки и истражувања на знаменитостите на Кападокија.
Но, сепак ноќните температури беа пониски, па задолжително е понесување на едно парче топла облека.
Колку чини патот дотаму?
Цените можат да варираат во зависност од избраниот превоз (автобуски или авионски). Бидејќи беше организирана понуда со вклучен авионски превоз, трансфер и хотелско сместување цената на превозот не беше одделна и би варирала според деновите на престој и датуми на лет.
Но, ориентационо цените за пакет со автобуски превоз од 3+ ноќевања се движат околу 159 евра, а со авион од 259 евра, па нагоре.
Првиот впечаток по пристигнувањето…
Јас по природа сум човек кој се возбудува и сака да истражува нови дотогаш невидени нешта, па бев импресионирана уште од првиот момент на пристигнување во Ѓореме (едно од подобрите места за сместување при посета на Кападокија).
Но, спротивно на мојот прв впечаток, првата помисла на мојот партнер беше „местово е малку пусто, но може да изненади“. Сè уште се смееме на оваа изјава, бидејќи беше променета по само 2 часа престој. Следната изјава беше „имало многу што да се види и истражи“.
Како би ги опишала локалците?
Општо, Турците би ги опишала како едни од најгостопримливите луѓе во светот и кои знаат да направат сè за туристите.
Започнувајќи од гостопримството на персоналот во хотелот, духовитоста, но и пренесувањето на доста корисни информации од страна на водичот, услужливоста во рестораните, па сè до љубезноста на човекот задолжен за летање со балонот, сè беше на високо ниво.