Иван Дургутов: „Пливав со свињи на Бахамите во тиркизниот Атлантски Океан“

„Со крузер патував од Мајами до Насау, главниот град на Бахамите, а чувството на капење во Атлантскиот Океан не е ни приближно исто како капењето и релаксирањето во кое било од морињата во близина на Македонија“, вели 24-годишниот Иван.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-01.jpg

Иван Дургутов има 24 години и по професија е правник. Вели дека бројката на посетени дестинации му е повисока од бројката на години живот.

Од нив ги издвојува: Кападокија, Талин, Мадрид, Лисабон, Келн, Болоња, Малага, Анкара, Њујорк, Мајами, Чикаго, Бостон…

Животно мото му е дека успехот не е работа на судбината или среќата, туку последица на правилно донесени одлуки. А, успешни сме тогаш кога ќе имаме сон, но нема да спиеме. А, токму патувањата се еден од неговите соништа.

Тој ги посети Бахамските острови и ги сподели со нас впечатоците од оваа рајска дестинација:

Поводот за посета на Бахамите и зошто токму Бахамите?

Повод за посета на Бахамските острови или Бахами како што уште се нарекува државата, беше користењето на деновите планирани за летување во 2015-тата година. Тоа лето имав четиримесечен престој во САД преку студентска програма и уште при моето заминување таму, зацртав за себе цел - патувањето да го заокружам со летен одмор на нетипична дестинација.

Бахамите беа една од опциите и искрено се покажаа и како повеќе од правилен избор за совршено летно патување во месец септември.

Плус, Бахамите се првата копнена точка на која пристигнал морепловецот Кристофер Колумбо, кога го гледа всушност т.н. „нов свет“.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-08.jpg

Како се одвиваше патувањето дотаму?

Патувањето се одвиваше на тој начин што јас, како што веќе напоменав, престојував во САД тоа лето, од јуни до септември, па беше реално подостапно оттаму да ги посетам и Бахамите и да ги штиклирам како посетена дестинација на мојата предизвикувачка „bucket“ листата.

Конкретно, патувањето го изведов со пријатели на тој начин што од државата Флорида и градот Мајами, резервиравме крстарење и се качивме на крузер кој пловеше кон дестинација Насау, кој е главниот град, воедно и најголем, на Бахамите.

Колку чини едно вакво задоволство?

Цената на пакет аранжманот, со поаѓање од САД, навистина варира и честопати зависи од бројот на луѓе со кои одите заедно на патувањето. Во просек, задоволството на крстарење и посета на вакви егзотични дестинации со брод е околу 400 долари за четири или петдневен престој.

За поаѓање од Македонија, вклучувајќи ги и авионските трансфери, износот би бил несомнено повисок.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-04.jpg

Првиот впечаток по стигнувањето…

Првиот впечаток по стигнувањето е неверојатната тиркизна боја на водата од Атлантскиот океан која ве маѓепсува.

Енергијата која со себе ја носи патувањето по воден пат е неспоредлива со ниедно друго превозно средство, а во моментот кога вашиот огромен брод ќе се закотви за пристаништето и од палубата или од прозорците на симпатичните соби ќе го здогледате Насау, вашиот здив навистина застанува.

Дали имаше некоја подготовка пред заминувањето?

Подготовката, најмногу, се одвиваше на психичко ниво во поглед на неконвенционалното патување и истражување што и како да се посети и вкуси, нешто што секогаш го правам пред обиколката на која било дестинација.

Вреди да се истакне, дека за посета на оваа островска држава, на македонските државјани не им е потребна виза за влез во истата.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-05.jpg

Најзабавната активност…

Најзабавната активност за мене лично беше една од активностите во хотелскиот комплекс на Атлантис во Насау, поточно можноста која тој ја нуди во аквапаркот, меѓу другото, за спуштање со ултра брз тобоган во едниот од базените, а кој тобоган во еден момент ве води во стаклен дел во кој вие сте преградени, а од страната слободно пливаат ајкули.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-02.jpg

Капењето на Бахамите…

Фасцинира. Чувството не е ни приближно исто како капење и релаксирање на кое било од морињата во близина на нашата Македонија. Тука, би сакал да ја издвојам и можноста за капење со животни и тоа не кои било - туку свињи.

Истото претставува типична активност за бројните туристи и оттаму доаѓа епитетот „свински остров“. Ретко кој заминува од Бахамите без да ја искуси оваа авантура - да ја дели за миг водата со тамошните свињи.

Најнезаборавниот миг…

Најнезабораниот миг е патешествието, односно долгата потрага по соодветен магнет. Имам обичај, секоја од дестинациите кои ги посетувам да не ја напуштам без купен магнет и разгледница од нешто што е репрезентативно за посетеното место.

Навистина изгледаше како цела вечност, одењето од сувенирница до суверниница, со идеја исполнување на крајната цел - пронаоѓање на пристоен магнет. И да, завршив со тропски магнет во форма на скирол.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-03.jpg

Најлошото искуство…

Лично, не поминав низ никакво лошо искуство. Од безбедносен аспект, како и во делот на гостопримливоста и третманот на туристите, не би можел да упатам никакви забелешки за луѓето од оваа држава.

Како изгледа комуникацијата со локалните жители?

Комуникацијата со локалните жители е нешто особено уникатно. За Насау може да се каже дека е навистина модерен град и изобилува со современи градби, но и такви објекти од нивна стара колонијална архитектура.

Англискиот јазик е официјален јазик во земјата, иако би напоменал дека е навистина специфичен дијалектот кој го употребуваат и благодарение на акцентот, знаат да звучат како да зборуваат некој друг, непознат јазик.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-07.jpg

Дали имаше многу туристи и дали сретна некој Македонец таму?

Туристи, на овој прекрасен остров, има буквално од сите меридијани на светот. Како дестинација, Бахамите се познати по многубројните крузери кои запираат овде како финална или попатна дестинација и со себе носат илјадници туристи.

Крстарењето како посебен вид на туристичко патување, се карактеризира со масовност на лица кои престојуваат во тие бродови, па така и само неколку паркирани бродови на пристаништето во Насау значат масовен туризам и огромна маса на луѓе од најразлични светски краеви.

Сепак, за време на моето отседнување таму, не успеав да сретнам други Македонци како туристи, но запознав човек од Кавадарци кој беше еден од супервизорите на разните оддели на крузерот на компанијата Carnival.

ivan-durgutuv-plivav-so-svinji-na-bahamite-vo-tirkizniot-atlantski-okean-06.JPG

Какви се Бахамите не како туристичка дестинација, туку за живот?

За Бахамите се вели дека се една од најпросперитетните држави во нивната околина. Воочливо е дека главна економска дејност е туризмот кој е силно развиен и кој, главно, преку крстарењата со брод, носи огромни приливи на средства за државата.

Популацијата на државата, е релативно мала и според најновите информации, се движи околу 300.000 постојани жители. Но, она што се забележуваше од разговорите со населението таму е дека истите се прилично задоволни од животот кој го живеат.

Следна дестинација на листата ти е…

Јапонија. Сакам да се уверам во восхитувачката порака која секојдневно ја испраќаат кон целиот свет преку сопствениот пример и лично да позајмам барем дел од нивната беспрекорност.

Фотки од неговото патување:

С. С. | Црнобело

Би можело да ве интересира:

Ивана Угриновска за патувањето во Тајланд: „Сама возев мотор низ џунгла во 3 наутро“ „Секој сака да ужива во луксузни хотели, но јас сакам да искусам многу повеќе од...
Ивана и Ману патуваа низ Патагонија со велосипед: „Поминавме 2.460km за 2 месеца, носевме по 25kg ба... „Почнавме од Чиле. Сакав да се откажам уште од првиот ден“, раскажува Ивана од М...

Најчитани неделава

sonovnik-sidebar.jpg