Ана од Скопје живее на Малдиви: „Цените за локалците се различни, некаде е забрането да носите бикини“
- Детали
- вторник, 30 јули 2024
„Посетив 7 острови, од кои 2 беа луксузни хотели за туристи и 5 локални острови каде што живеат луѓето од Малдиви. Разликата помеѓу двата типа на острови е тоа што на локалните е забранет алкохол и само на одреден дел од плажите е дозволено да се носат бикини“ – раскажува во интервју за CRNOBELO.com, Ана Колевска, стјуардеса која се пресели на Малдиви.
Ана Колевска (33) по професија е стјуардеса, која повеќе години наназад работела во Дубаи, а кога ѝ се укажала можност да се пресели, за да работи во авиокомпанија чиешто седиште е на Малдиви, воопшто не размислувала и ја прифатила.
Како изгледа животот на Малдиви, надвор од прекрасните фотографии коишто ги гледаме оттаму, каков е начинот на живот на локалното население, што е она што не можеме да го видиме, а се крие зад прекрасните пејзажи…
Ова се само некои од прашањата на кои поразговаравме со Ана во интервјуто за CRNOBELO.com.
Ана ни откри како изгледа животот во најнаселениот град на Малдиви, каква е храната таму, како изгледа кога престојот таму ќе го организирате во сопствена режија, подалеку од туристичките ресорти и хотели.
Целото интервју со Ана, проследете го во продолжение:
Како дојде до тоа 3 месеци да поминеш на Малдиви? Кој беше првиот впечаток што го доби кога стапна таму?
Идејата да се преселам на Малдиви, дојде спонтано.
Едноставно живеев и работев долго време во Дубаи и ми требаше промена, само не можев да одлучам, каде понатаму од Дубаи.
Еден пост на Инстаграм ми го привлече вниманието, а тоа беше дека се отвора нова луксузна авиокомпанија „Beond“ со база на Малдиви.
Бидејќи сум голем авантурист по природа, но и копнеев да се вратам назад во авијација, одлучив да аплицирам за работа.
Кога го добив договорот за работа, среќата беше до таван, конечно се вратив назад да го работам тоа што ме исполнува најмногу, плус добив можност за живот на егзотични острови!
По 3 недели тренинг во Дубаи, се преселив на Малдиви за да завршам уште 2 недели тренинг таму.
На почетокот бев разочарана бидејќи нашите станови се лоцирани на главниот остров Мале, и тоа не е ништо приближно до оние магични разгледници од Малдиви.
Остовот е со најгуста популација бидејќи 80% од жителите на Малдиви живеат и работат тука.
Пренатрупано со згради, нечисти и хаотични улици и лимитиран избор на храна во супер маркети.
Првиот месец буквално живеев на туна конзерви само додека се навикнам на нивната храна.
Тој период беше време на адаптација и среќна сум што не се откажав и останав, зашто тоа што следуваше понатаму кога завршив со тренинг е најубавото искуство коешто ќе го паметам и раскажувам до крајот на животот.
Со оглед дека беше таму подолг период, имаше ли можност да посетиш повеќе острови? Се разликуваат ли другите острови од оние кои се познати туристички дестинации? Во што?
Првиот месец беше наменет за тренинг и добивање лиценца за работа, другите 2 месеци беа исполнети со шетање.
Посетив 7 острови, од кои 2 беа луксузни хотели за туристи и 5 локални острови каде што живеат луѓето од Малдиви.
Разликата помеѓу двата типа на острови е тоа што локалните острови се суви острови, односно алкохол е забранет и само на одреден дел од плажите е дозволено да се носат бикини, бидејќи на Малдиви официјална религија е муслиманската.
На приватните острови тие правила не важат бидејќи се наменети само за туристи, но затоа и цените во хотелите се доста повисоки.
Искрено, ако би требала да одберам, би отишла повторно на локални острови, бидејќи и покрај религиозните рестрикции, тие острови се многу поприродни, поинтересни и жителите се гостопримливи и готват многу вкусни специјалитети од риба и кокос.
Мојот најомилен оброк ми беа палачинките од кокос за појадок, што можеа да се најдат само на локалните острови.
Лесно ли се стига од еден до друг остров? Што треба да знаеме пред да почнеме во сопствена режија да ги шетаме сите острови?
Со оглед на тоа дека Малдиви е групација на околу 1.190 корални острови, транспортот на вода е доста развиен и лесно се патува од остров до остров што се наоѓа во истиот атол.
А ако островот се наоѓа на различен атол од тој што сакате да тргнете, тогаш треба да се вратите назад со брод до Мале и од таму да отпатувате со друг брод на релација на посакуваниот атол.
Имаат мобилна апликација на која лесно може да се види распоредот на дневни линии и да се букира посакуваната дестинација.
Цените за туристи и за локалци се доста различни, но јас имав среќа бидејќи живеев и работев таму, можев да купувам карти по иста цена со локалците.