Теона Манго за посетата на Кавказот: „Пејзажите во Грузија се без конкуренција, а во Азербејџан има планини кои личат на десерт“
Колку време ти траеше севкупно патувањето? И колку време е потребно за да се искуси секоја земја од нив?
Патувањето беше точно 15 дена и мислам дека беше доволно долго за да се видат главните атракции/места и да се искусат самите држави.
Би рекла дека 4-5 дена е сосема доволно по држава, се разбира доколку се има можност за подолго да останете во која било од државите ќе можете повеќе да прошетате.
Безбедни ли се земјите за туристи? Имаше ли некаде некои непријатни ситуации?
Сите 3 земји без исклучок се многу безбедни, локалците се културни и гостопримливи и немаше буквално ниту една непријатна или лоша ситуација.
Толку многу е безбедно, што во брзање го заборавив фотоапаратот во такси, возачот по нецели 10 минути ми се јави на телефон да ми каже дека ми останал фотоапаратот и дојде до самиот хотел да ми го врати, ова не би се случило во некаде низ Европа.
Какви се цените во трите земји?
Цените се доста прифатливи, би рекла дека Ерменија е најевтина, а најскапа Азербејџан.
Цените варираат во главните градови и таму се повисоки во споредба со другите региони и помали градови, но сепак би рекла доста прифатливи.
Секако, цените зависат и во какви ресторани се јаде, во какви хотели се спие итн.
Ручек во ресторан за две лица се движеше околу 15-70 евра (со предјадења, главни јадења, десерти и пијалаци).
Шише вода не беше повеќе од 20-30 центи.
Јавниот превоз и такси им се исто така многу евтини, главно се движевме со такси и не плаќавме повеќе од 2-5€ по возење, исклучок беше возење до аеродром некои 10-12€.
Хотелите исто така беа доста прифатливи од 70-130€ по вечер за соба за двајца, со појадок во хотели со 3 или 4 ѕвезди.
Која од земјите имаше најубава природа и пејзажи, која е најбогата со архитектура и историја, а каде духовноста е најизразена?
Природа и пејзажи дефинитивно без конкуренција Грузија, планинскиот регион Казбеги беше нереален.
Сум била и на Алпите во Швајцарија, Доломитите во Италија и Роки Планините во САД, но Казбеги беше стварно нереална убавина, мислам дека трите дена што ги поминавме таму ми беа омилени од цело патување.
За архитектура би го издвоила Баку, интересен спој на стара класична архитектура, комунистичка архитектура и ултрамодерна архитектура.
За историја би рекла Ерменија и Грузија, и двете држави се едни од најстарите во светот, со азбуки и јазици кои датираат со векови, градови што се континуирано населени со векови.
Би рекла дека Ерменија има најголема духовна историја - Ерменија е првата христијанска држава во светот, имаат манастири и цркви кои датираат од 3-4 век, но по мое мислење Грузија и Грузијците се порелигиозни.
Каков е сообраќајот во земјите, како е организиран јавниот превоз, каков начин на плаќање има во локалите, раскажи ни некои работи кои ти оставиле необичен впечаток од земјите...
Ух, во сите три земји сообраќајот беше хаотичен, коли на сите страни, секој вози каде што сака и многу свирење.
Исто така, низ планинските патишта во Грузија имаше на сите страни крави, кравите си се движеа по самиот автопат, некои дури и лежеа на патот иако опкружени со зеленило и пасишта кравите преферираа да лежат на патот и да бидат заобиколувани од автомобили и камиони, ова дефинитивно беше нешто необично.
Со јавен превоз не се возев, цело време бевме сместени во сам центар на градот, па главно се движевме пешки или користевме такси, таксито е многу евтино во сите три земји едно возење не беше повеќе од 2-5€.
Се плаќа и со кеш и со картичка, во помалите места ретко прифаќаат картичка, а и некои помали продавнички исто примаа само кеш, така што добро е да се разменат пари и да се носи кеш.
Главните градови им се доста средени и развиени, но како и со други бивши комунистички држави, надвор од главниот град е доста неразвиено и сиромашно.
Грузија и Ерменија имаа одлични хотели за ниски цени.
Во Грузија имаше хотели кои многу добро беа уредени, на пример во винскиот регион спиев во хотел чии бунгалови беа во форма на квеври (глинените садови во кои се прави вино).
Во Азербејџан, пак, сместувањата беа малку проблематични, на пример прво букирав хотел со 4 ѕвезди и 9.6 рејтинг на Booking, кога пристигнав хотелот не наликуваше воопшто на хотел со 4 ѕвезди, не би му дала повеќе од 1 ѕвезда.
Останав во тој хотел само една вечер и следниот ден се преместив во друг хотел кој вистински беше со 4 ѕвезди и уреден во традиционален азербејџански стил.
Кое искуство/екскурзија/музеј/работилница најмногу те воодушеви на патувањето? Нешто што не си искусила на друго место.
Во Ерменија тоа беа манастирот Кхор Вирап на самата граница со Турција и поглед на планината Арарат, кој датира од 5-ти век и работилница за правење на традиционален леб-лаваш.
Од Грузија највеќе ме воодушеви планинскиот регион Казбеги и селцето Џута, посета на винарии и дегустирање на традиционално грузиско вино.
Традиционалното грузиско вино е доста уникатно, се користи целото грозје (лушпа, коски па дури и стеблото) и има многу уникатен вкус.
Во Баку ме воодушеви Националниот Музеј на Азербејџан, сместен во куќата на еден од најбогатите Азербеџани кој се занимавал со нафта и посетата на Candy Cane планините кои даваа чувство како да си на друга планета.
Колку ти беше напорно патувањето со оглед на тоа што сте посетиле огромен број места? Сподели ни некои совети и трикови за ваков тип на патувања.
Нема да лажам дека патувањето ни беше напорно, имавме доста набиена агенда секој ден, а и последните 4 дена имав труење од храна, па не беше баш идеално.
Се стануваше рано за да се фати денот, да се видат што повеќе работи, а секоја вечер сакавме да одиме на вечера и да го осетиме и ноќниот живот на градовите.
Не бевме стационирани во исто место цело време така што на секои 2-3 дена менувавме хотели и имавме доста возење што со автобус, што со автомобил.
Така што, по двете недели патување, ми требаа некои 2-3 дена одмор дома хаха.
Мој совет за вакви патување е претходно добро планирање на агендата и точно да знаете кој ден што ќе се прави.
Ова значително олеснува да не губите време на самото патување да истражувате и да правите план што ќе правите утре.
Друг совет е добро сместување, за кога ќе се вратите во соба после напорен ден од шетање, да можете добро да се одморите.
Би се вратила ли во некоја од овие земји и зошто? Што би им порачала на читателите за патување во овие земји?
Би се вратила повторно во Грузија без размислување, толку многу ми се допадна Тбилиси што би сакала да отидам и да живеам неколку месеци таму.
Би се вратила повторно и во Азербејџан да ги посетам градовите кои биле дел од некогашниот пат на свилата.
На читателите би им препорачала да ги посетат овие земји, има многу што да се види и да се прави од историја до природа до архитектура, секоја држава е посебна и уникатна на свој начин.
Иако не се многу популарни дестинации, сметам дека вредат да се посетат, а голем плус е што се и евтини дестинации.
Погледнете повеќе фотки од прекрасното патување на Теона:
©CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
М. М. | Црнобело