Марио Савовски го посети Рио де Жанеиро: „Другари беа пречекани со пушки во фавелите, но градот ме потсетува на Скопје“
Раскажи за моментот кога се наоѓаше покрај статуата на Христос Спасителот, каков хоризонт и поглед се отвори пред твоите очи?
Уф, прво нешто што ми паѓа на памет е жештината – беше претопло кога се качивме кај статуата поради еден топлотен бран.
Второ нешто – имаше токму во тој момент црковна литургија – поп пееше пред статуата додека луѓе стоеја наоколу. Тогаш ме удри моментот дека тоа е всушност религиозно место каде се вршат редовни црковни служби, не е само туристичко место.
А за хоризонтот – Рио како се протега на сите страни со преубавите плажи и зелените ридови – тоа беше навистина спектакуларна глетка којашто нема за брзо време да ја заборавам.
Многумина штом ќе стапнат во Рио де Жанеиро не сакаат да се одвојат од неговото крајбрежје. Како го поминуваше времето на плажите?
Пиење кокос, сончање, убава глетка и борба со брановите. Покрај тоа што песочните плажи се преубави, се изненадив и колку беше убава и топла водата.
Исто нешто што ми беше новитет – големите и насилни бранови кои спречуваа луѓето да одат во подлабоката вода. Бидејќи, иако во еден момент може да си со водата до градите, наредниот момент доаѓа бран кој е над тебе и може да те однесе во непредвидлива насока.
Затоа чуварите на плажите беа ригорозни со свиркањето по луѓе кои ќе се осмелуваа да отидат малку подлабоко. И првпат ми беше да сурфам на бранови без даска, пливајќи по брановите кои надоаѓаа – предобро искуство.
Тотално поразлично од која било плажа на којашто сум бил досега.
Како се движевте низ Рио де Жанеиро од еден до друг крај на градот? Како им функционира јавниот превоз?
Научивме едно правило во Рио – помеѓу пладне и 7 навечер не очекувај дека ќе стигнеш некаде навреме, бидејќи градот е хаос за коли – ми се чини цело време имаше метеж, и иако не користевме јавен превоз (изнајмивме комбе неколку денови, а остатокот беше со Убер), сепак доста време поминувавме „заглавени“ во метежот.
Марио, можеш ли да ни го опишеш најубавото зајдисонце што го имаш видено во Рио де Жанеиро? Каде точно беше и по што тој момент беше посебен?
Бевме на брод со друштвото близу Шеќерната Планина, и иако беше малку наоблачено и не можевме целосно да го видиме сонцето, се сеќавам колку беше преубав тој момент на брод, додека полека се палеа уличните светла низ градот и авиони полетуваа од аеродромот.
Градот се трансформира од топла опуштена летна атмосфера во атмосфера на журки и ноќен живот.
Што имаш да кажеш за локалната храна? Што најмногу ти се допадна?
Месо. Месото беше феноменално – бевме во all you can eat steakhouse и толку различни типови на телешко месо во живот немам пробано.
На секои 15 минути поминуваше келнер со различен пресек на месо на ражен и до крајот на ручекот сите бевме „тапан“ направени.
Покрај тоа, десертот Acai беше многу вкусен – направен од acai berries, како мешавина на сладолед и овошен сорбет – тоа им е баш традиционален локален десерт.
Како за крај, за кого сè е наменет Рио де Жанеиро?
За сите кои сакаат плажа, природа, да танцуваат самба и да запознаваат нови луѓе.
Во Рио се почувствував дека сите беа отворени за разговор и запознавање, многу пристапливи беа луѓето и особено во клубовите и баровите беше многу лесно да пристапиш некому и да започнеш муабет.
И секако – ако си фан на фудбал, таму е религија и луѓето на плажа еднакво се сончаа колку што играа фудбал на плажа. Уште ми е криво што за неколку дена го пропуштив натпреварот Бразил – Аргентина на Маракана.
© CRNOBELO.com Забрането преземање и копирање. Крадењето на авторски текстови е казниво со закон.
Е. Х. | Црнобело