Чекор по чекор - Од стар телевизор до нов уникатен аквариум
Дали имате стар телевизор (лампаш) дома или можеби во подрумот или гаражата?
Од оние во дрвена кутија со заоблено стакло како екран кои работеа со копчиња? Сигурно голем дел од вас одамна ги фрлиле овие телевизори, но можеби има некој што ги чува како спомен. Сега можете тој спомен да го оживеете така што ќе го претворите стариот телевизор во уникатен аквариум за риби.
Доколку немате дома, набавете стар телевизор од пазар или електричарска работилница. Ќе се изненадите колку стари мајстори сè уште чуваат вакви телевизори.
Отворете го куќиштето на телевизорот. Старите телевизори најчесто имаат куќиште кое се отвара од позади или понекогаш од страна.
Извадете ги сите електрични компоненти и внимавајте да не го скршите ЦРТ екранот (стаклената туба), бидејќи тоа може да е опасно кај постарите модели.
Доколку ги има и доколку е потребно, извадете ги од куќиштето преградните панели кои се наоѓаат помеѓу екранот и електричните делови и звучниците, за да ослободите повеќе простор.
Размислете дали е потребно да се извадат и копчињата, бидејќи може да сметаат при поставување на аквариумот внатре. Доколку копчињата се на страна може да останат и позади нив да се постават делови коишто не сакате да се гледаат, како на пример пумпата за воздух.
Измерете точно колку место ви останува како корисен простор за поставување на аквариумот. Можете аквариумот да го направите помал од куќиштето, а просторот што ќе остане да го искористите за останатите компоненти коишто се потребни за тој да функционира.
Купете ги потребните компоненти за аквариумот и самиот аквариум според мерките коишто ги земавте од куќиштето на телевизорот.
Осигурајте се аквариумот да биде малку поширок и малку повисок од стаклениот екран на телевизорот и секако осигурајте се да има доволно место помеѓу капакот на телевизорското куќиште и аквариумот, за поставување на светилка.
Доколку немате доволно место за монтирање светилка над аквариумот, размислете за купување на светилка која плови.
Поставете ја пумпата за вода внатре во куќиштето како би се пригушил звукот од работата на пумпата.
Проверете како пасува аквариумот внатре во куќиштето од телевизорот. Наместете го така што ќе се осигурате дека внатре има доволно место за сите компоненти од аквариумот.
Избушете дупки од позади на капакот за да ги протнете каблите, а доколку е потребно направете и уште неколку дупки за подобра вентилација.
Направете капак од корниот дел од телевизорското куќиште. Најдобро е ова да го направите така што ќе ги исечете горниот дел на местата каде што е залепен. Потоа прикачете шарки и отсечениот дел направете го да функционира како капак/вратничка.
Доколку е потребно направете дрвена конструкција која ќе стои под аквариумот, за да се осигурате дека нема да се оштети куќиштето при преместување на телевизорот аквариум од едно на друго место.
Поминете ги сите површини одвнатре со водоотпорен завршен премаз, за да го заштитите дрвото од телевизорското куќиште.
Поставете го аквариумот внатре во телевизорското куќиште. Поврзете ја пумпата, филтерот и цревата, а потоа наполнете го со вода.
Пред да ги ставите внатре рибите пуштете го аквариумот да изработи неколку циклуси со пумпата ако сакате рибите да ви преживеат повеќе од неколку недели.
И толку, сега повторно можете да гледате во вашиот стар телевизор.
Многумина веќе ги претвориле своите стари телевизори во домови за своите риби, па зошто не би го направиле истото уште денеска, сега кога ги имате сите инструкции за проектот?
(О)Милена | Црнобело