Хорор туризам: Напуштена црква со духови кои кријат моќна порака
За повеќето од нас, верувањето во духови, е интересен спомен од детството. Но, човечката љубопитност никогаш не може да одолее на интересни приказни на тема живот и смрт.
Во Чешка, постои малото местенце Лукова. Овде е сместена старата напуштена црква Св. Јуриј, од 14-ти век. Таа преживела војни, пожари и видела многу многу промени. Последен пат била во употреба во 1968 година, кога за време на погреб се срушил и паднал дел од таванот и ги преплашил жителите.
Препуштена на себе и природата, црквата пропаѓа, а неколкупати била жртва на вандали кои ги земале вредните работи и зад себе оставале графити.
Наизглед, уште една заборавена градба, обрасната со трева, фасада која се рони и тмурен изглед.
Но, ако ѕирнете низ прозорците, ве чека навистина морбидна глетка.
Човечки фигури прекриени со бели чаршафи, седат вперени во подот.
Влезот во црквата е преку под кој крцка и чувството дека некој ве набљудува ги плаши сите оние кои сакаат да ја посетат.
Иако глетката е застрашувачка, станува збор за уметнички проект на Јакуб Хадрава, кој својата изложба ја поставил токму овде, за да го врати колку-толку животот во напуштената црква.
Навечер се користат посебни светла кои додаваат уште толку драма.
Авторот со оваа поставка сака да ги претстави душите на Германците кои живееле на овие простори пред Втората светска војна и да ги потсети луѓето на историјата на местото и црквата.
Неговата тајна изложба привлекува многу посетители и „мрачни туристи“, а постои надеж дека со донациите ќе може да помогне на обновување на црквата.
Е. П. | Црнобело