9 грешки што ги правите кога купувате чевли (и потоа нозете ве болат)
Чевлите што изгледаат прекрасно во излогот на продавницата, можеби и не се толку идеални кога ќе ги облечеме. Колку пати ви се случило некои чевли да ви се допаднат, да ги пробате и купите, а потоа да не можете да ги носите повеќе од 30 минути?
Купувате чевли за 5 минути, купувате чевли без да ги пробате, ги пробувате чевлите со несоодветни чорапи... Но, откако ќе ги облечете првпат, сфаќате дека сте направиле грешка - почнуваат да ве болат нозете, чевлите ви се тесни, ви прават плускавци и едвај чекате да ги соблечете.
Сигурно и ќе се покаете што сте ги купиле. Но, веќе е доцна. Ви се случило ли ова?
Совети како да ги избегнете најголемите грешки што сите ги прават при купување на чевли:
Избирате чевли со високи потпетици и шпицест врв
Шпицестиот врв е незгоден, без разлика дали станува збор за салонки или сандали. Притисокот при одењето е на прстите, па тие страдаат.
Ако носите салонки, тогаш прстите се „згмечени“ поради тесниот простор (шпицот). Во сандали, пак, поради високата потпетица, прстите најчесто излегуваат од калапот и удираат по површината по која одиме.
Запомнете, чевлите не треба да ви ги стегаат прстите.
Не гледате каде е поставена потпетицата
Потпетиците немаат само декоративна функција, туку треба да го држат и стапалото. Кога се движите, товарот оди прво на петицата, а дури потоа на прстите.
Затоа, потпетицата треба да е поставена директно под петицата, во линија со глуждот.
На овој начин, товарот на телото ќе се распоредува правилно, а нозете нема да се заморуваат пребрзо.
Не купувате патики за соодветниот спорт
Ако ви требаат патики за трчање, мора да купите патики кои се произведени токму за трчање.
Не се сите патики соодветни за сите спортски активности. Едни се добри за кошарка, други за фудбал, трети за вежбање во сала.
Затоа, пред да купите патики, имајте предвид за што точно ви требаат.
Кога избирате чевли внимавате само да ви е точен бројот
Секако, бројот на чевлите е најважен, бидејќи никој не може да се движи нормално во чевли што му се помали или поголеми.
Но, тоа не треба да е единствената причина за да купите некои чевли.
На пример, обрнете внимание на изработката, украсите, врвките, патентот, буквално на сите детали. Па, ако се добро изработени – купете ги.
Ги пробувате чевлите само на мека подлога
Многу продавници за чевли имаат килим покрај огледалата на кој гледате како ви стои моделот што го пробувате.
Но, токму затоа добивате погрешна претстава за удобноста на чевлите, бидејќи не е исто кога со нив газите на килим и на асфалт или друга цврста подлога.
Затоа тргнете се од килимот и движете се и по подот во продавницата.