За сите другарки кои ме „истрпија“ уште една година...
Кога ќе погледнам назад, многу сум благодарна што сте дел од мојот живот и што секогаш сте ми прва поддршка и прво рамо за плачење.
Ви благодарам што „стапнавте“ во мојот живот и оставате трага врз истиот. Кога се запознавме кој би помислил дека дотука ќе дотуркаме? Можеби и не сме свесни колку сме „зависни“ едни од други, но сме сигурни дека можеме да си веруваме и да се смееме додека не чувствуваме болка во стомакот.
Ви благодарам што ми ја држевте раката низ сите невремиња и бури и ми помогнавте да ги пребродиме заедно. И за сите кавги, ви благодарам за сите кавги, затоа што ми покажавте колку ми значите и колку не можам да издржам, а да не ви прозборам, да ви се насмеам, да ви кажам лоша шега...
Ви благодарам што ми покажавте што значи вистински пријател. Ви благодарам што ми ги прифативте сите маани и ме научивте како да живеам со нив. Ви благодарам што ми ги простивте сите бесмислени постапки и ми покажавте што значи љубов, сестринска љубов.
Ви благодарам што секогаш бевте на моја страна и ме браневте, дури и кога не бев во право, за потоа насамо да ми кажете дека грешам. Кога ме поддржувавте за работи кои немаа никаква поврзаност со вас и едноставно можевте да ми го свртите грбот, но сепак ми дававте совети за нив. Ги доживувате како да се ваши. Ме држевте за рака кога целиот свет околу мене се рушеше и ме поклопуваше.
Ви благодарам што плачевте и се смеевте со мене низ сите овие години. За сите проблеми за кои се грижевте како да се ваши. Вие ме правите подобра личност. Ме поддржувавте во моменти кога и јас самата не би се поддржала себе си. И многу сум благодарна за тоа.
Ви благодарам за сите убави мемории на кои се ежам кога ќе ми текне и не можам да си ги замислам да ги имам доживеано со некој друг. Ви благодарам за сите ноќи кога сме седеле до наутро и сме правеле планови за работи кои и сами знаеме дека никогаш нема да се случат.
Ви благодарам за сите патувања на кои бевме заедно и сите дестинации кои ги доживеавме на наш посебен начин. За тоа што ги споделивте сите ваши гледишта кон животот со мене, иако сите сме свесни дека многу се разликуваат едни од други. Како и ние самите. Ама ако тоа е тоа што не сплотува и не прави толку да се привлекуваме. Различностите.
Ви благодарам што ме сакавте кога и јас самата не можев да се сакам. Што ме потсетивте која сум и ми кажавте да не се откажувам толку лесно, иако тоа беше најлесната опција во тој момент. Ви благодарам што ми ја туркавте ногата кога не бев способна да одам еден чекор подалеку. Ама благодарение на вас тука сум, скоро па на врвот. Ви благодарам што не дозволивте сите „шамари“ кои ми ги удри животот да ме променат како личност.
И најважно од се ви благодарам што не дозволивте „смешните“ кавги да не разделат. Без разлика дали тоа било далечината, нечија врска, работата, новите можностите или презафатениот распоред. Се боревме сите заедно за да остане нашето пријателство, затоа што знаеме дека заедно сме најдобри. Со глупави шеги и непромислени постапки, за кои подоцна се каеме. Но тоа е тоа што ги создава најдобрите мемории, зарем не?
Ме научивте што значи емпатија и ме научивте секогаш да бидам сигурна и да верувам во себе, дури и кога сите други нема да веруваат. Ви благодарам што одлучивте да бидете дел од мојот живот и ме „истрпивте“ уште една година. Едвај чекам да поминеме уште една заедно. Подобра и поубава од оваа што скоро помина.
Т. Ѓ. | Црнобело