Најголеми митови и вистини за староста
Ако верувате во се што се зборува за старите луѓе, имате право да бидете вознемирени.
Постојат многу митови и заблуди за тоа што се случува со луѓето кога стареат, па оттука многу очекувања за тоа какви ќе бидете кога ќе остарете се нереални.
Ова се најголемите митови за стареењето:
Луѓето стануваат раздразливи кога ќе остарат
Вистината е дека карактерот на личноста е ист и во младоста и на стари години, освен ако на истиот не влијаат одредени болести како Алцхајмерова болест, деменција, мозочен удар и други сериозни медицински состојби.
Ваквите луѓе се исклучок, а не правило, па ако имате нервозен, стар сосед најверојатно бил таков и во младоста.
Брадата, носот, ушите… што расте со годините?
Повеќето би рекле дека е носот. Иако изгледа така, се работи само за ткивата околу носот, кои со тек на време слабеат. Тоа што расте со годините се ушните ресички, па затоа ушите се издолжуваат и изгледаат поголеми.
Старите луѓе не слушаат добро, особено детски и женски гласови
Овој мит е всушност вистина. Како што годините одминуваат, така слухот слабее, а првите звуци со кои имаме потешкотии се токму женските и детските гласови, односно повисоките тонови.
Губењето на слухот е тесно поврзано со староста, но може да биде резултат и на долгогодишна изложеност на гласна врева.
Во старост луѓето ја губат желбата за секс
Иако физичките промени се неизбежни, не постои причина да претпоставуваме дека ќе престанеме да чувствуваме потреба за физички контакт. Либидото ќе се намали а подвижноста ќе се ограничи, но сексот придонесува за подобро здравје и подобро расположение и во третата доба од животот.
Кога ќе остареме, другите ни се чинат повисоки
Да, затоа што на стари години ние губиме од висината. Ова се случува бидејќи ‘рскавицата се троши, мускулите слабеат, коските се тенчат. Помеѓу 30тата и 70тата година мажите губат околу 2.5 сантиметри во висина, додека жените околу 5.
На старите луѓе не им треба многу сон
Ако нервозниот сосед што го спомнавме на почетокот го шета своето куче уште пред да изгрее сонцето, тоа не значи дека не спие колку вас. На сите ни се потребни барем 8 часа сон, но понекогаш на старите луѓе им треба повеќе време за да заспијат, а и почесто се будат во текот на ноќта.
Можни причини се употреба на лекови, здравствени проблеми или едноставно внатрешниот часовник кој контролира кога спиеме ако кога сме будни.
А. Ш. | Црнобело