Најголемите стравови не се ништо повеќе од фантазија - 5 работи кои ќе ви помогнат да ги победите најцрните денови
Животот е исполнет со подеми и падови. Дури и најуспешните луѓе имаат лоши денови. Можеби поминувате низ тежок развод. Сте ја изгубиле работата. Имате сериозни финансиски проблеми. Се соочувате со загубата на сакана личност.
Кај некои тешките животни премрежја се комбинација од повеќе фактори. Соочувањето со овие ситуации може да биде особено тешко.
Стресот постојано се напластува, а вие се чувствувате беспомошно. Сепак, доколку сакате да живеете живот на кој ќе бидете горди, мора да пронајдете начин да се издигнете над проблемите. Едноставно мора да ги поминете препреките, без да дозволите да ве совлада очајот.
Кои 5 работи ќе ви помогнат да ги пребродите најцрните денови во животот?
Болката е нераскинлив дел од животот, мора да научите да живеете со неа
Исто како смеата и љубовта и болката е дел од животот. Без неа, тој не би бил целосен. Најголемиот проблем се случува додека сме помали. Родителите прават сè за да нè заштитат, па многумина од нас не се соочуваат со никаква болка до одредена возраст од животот.
Во светот исполнет со остри предмети и луѓе, нереално е да се живее без болка. Битно е да сфатите дека во одредени периоди ќе се соочите со неа. Второ, мора да разберете дека одбегнувањето на болката не е најздравиот начин за справување со истата.
Прифатете ја болката како и секое друго чувство. Чувствата се тие коишто нè дефинираат како луѓе. Мора да застанете на двете нозе и гордо да ги носите лузните. Прифатете ја болката.
Ќе излезете посилни, помудри, поавтентична верзија од себеси.
Најголемите стравови не се ништо повеќе од обична фантазија
Стравот е причина број 1 зошто не сте онаму каде што треба да бидете. Помислата да се направи нешто кое би можело да ве повреди ве тера да ги пролонгирате плановите или сосема да заборавите на нив.
Она што луѓето го забораваат е дека ваквите стравови во голем процент се само производ на нашата фантазија. На крајот ќе сфатите дека ги испуштате возбудливите можности и моменти во животот само заради стравот кој е неоправдан.
Се плашите од бес и гнев, болка, страдање, чувството на непријатност… запрашајте се – зарем ова не се работи кои ги доживуваме секојдневно? Сигурно сте бесни барем еднаш во денот. Тогаш, зошто дозволувате ваквите стравови да ве спречуваат во постигнување на најдобрата верзија од себеси?
Сегашноста е онаа со која треба да се соочите
Секој од нас ужива да евоцира спомени од минатото или на долго и широко да ја планира иднината. И нема ништо лошо во тоа. Но, кога дозволувате спомените или плановите да ви ја расипат сегашноста во која живеете, време е да притиснете на кочницата.
Најчесниот начин да ја запрете оваа лоша навика е да престанете да се грижите за часовникот на ѕидот или оној на вашата рака. За Мајката природа овие направи не значат ништо. Природата го гледа животот како момент кој еволуира. За неа, минатото не постои, а иднината е ирелевантна.
Единственото за кое треба да се грижите е сегашноста, да сте присутни со телото и духот токму во овој момент кој се случува сега. Престанете да се грижите за тоа што било или за она што уште не се случило.
Перцепцијата е клучна за среќа
Умот е можеби најдобро чуваната тајна во животот, најмоќниот алат кој му е достапен на човештвото. Кога умот ќе се „намести“ за успех, шансата да триумфирате е многу поверојатна. Кога умот ќе крене раце од ситуацијата, многу веројатно е дека истата ќе има негативен исход.
Ова се случува затоа што умот инспирира перцепција, креира мисли и идеи и со помош на здравата имагинација се обликува потсвеста. Доколку со целото срце сметате дека ја заслужувате работата, силно ја посакувате и дека ќе постигнете успех, со сигурност и ќе ја добиете. Но само доколку немате грам сомнеж во себе.
Доколку не им верувате на сопствените капацитети или чувствувате дека не сте доволно подготвени, не чудете се кога нема да ја добиете работата. Да заклучиме – пречките пред вас се онолку големи колку што вие ги правите да бидат.
Никогаш не сте вистински сами
Кога сте на дното, се чувствувате победени, несреќни и тажни, запаметете дека никогаш не сте вистински сами. Понекогаш сите се чувствуваме така, како никој да не се грижи за вашето добро.
Тој мал глас кој ви кажува дека никому не му е гајле за вас е гласот на сопствениот пораз. Замолчете го, не давајте му да зборува. Прифатете дека секој човек во одреден момент од животот се соочува со тешки проблеми и порази.
Немојте да се затворате во себеси. Споделете ја својата мака, својата приказна. Со колега кому му верувате, со пријател, со роднина, со родителот или со психијатар.
Секогаш постои некој кој ќе се препознае во вашите проблеми. Можеби нема да ги пронајдете овие луѓе веднаш, но бидете трпеливи и знајте дека постојат. И ќе ви помогнат онака, како што и вие еден ден ќе помогнете некому.
(О)Милена | Црнобело