Бонтон на маса: Манири кои ги имаат културните луѓе, а треба да ги научите и вие
Во време кога кавалерството и дамското однесување е малку запоставено, важно е да се потсетиме на секојдневниот бонтон кој може да го подобри или расипе првиот впечаток за вас.
Соодветно пригодата или друштвото во кое сте, на масата треба да се однесувате пристојно.
Анализирајте ги и запаметете ги овие правила следен пат кога ќе бидете на официјална вечера, состанок со деловните соработници или на љубовен состанок:
Правила за официјален прием, банкет или вечера
Гостите треба да почекаат додека домаќинот не им ги покаже местата. Традиционално, домаќинот би требало да седи на чело, додека местата до него се резервирани за најблиските (партнерот, роднините), додека децата секогаш седат на другиот крај на масата.
Чепкалките се користат исклучиво во тоалетот, не на самата маса.
Секогаш дамите седнуваат први, а мажите може да се сместат дури откако нивната партнерка се наместила. По потреба, може да помогнат и да го поместат столчето.
Ако доцните повеќе од 20 минути, задолжително извинете се и преминете на темата на која се разговара, наместо да објаснувате зошто доцните. Исто така, не барајте предјадење, туку почекајте го главното јадење.
Ако дел од храната и пијалаците не ви се вклопуваат во диетата или здравата исхрана, нема потреба тоа да го нагласувате на цел глас. Едноставно, не земајте од нив.
Ако случајно ви падне лажицата, виљушката или ножот, не се пикајте под масата за да ја земете. Едноставно побарајте нова.
Приборот кој веќе сте го искористиле и е валкан, не смее да ја допира масата. Потпрете го на работ од чинијата.
Не ја сечете храната на повеќе мали парчиња. На овој начин храната се лади и го губи пријатниот мирис побрзо. Сечете залче по залче.
Држете го приборот правилно. Виљушката секогаш треба да е свртена надолу, со задната страна кон вашето лице. Исклучок се прави доколку пред вас има мек оброк (на пример, пире од компир). Во тој случај, треба да црпите внимателно, без да ја гребете чинијата. Десниот показалец треба да ви е „легнат“ на ножот, кој се држи со палецот и средниот прст. Не го држете приборот како пенкало или молив, помеѓу прстите.
По Европски стандарди, ножот не смее да го пуштите додека јадете, дури и да не го користите постојано. По Американски стандарди, ножот може да го потпрете на работ од чинијата и да го користите повремено.
Ако некој ви побара да му подадете прибор за јадење, треба да го држите на средина (да не го допирате делот кој ја допира храната) и да го подадете свртен со рачката кон гостинот.
Бонтон на љубовен состанок
По непишано правило, дамата е таа која прва треба да нарача. Доколку е неодлучна, не смее да каже „нарачај што сакаш ти“, туку да побара препорака од типот „што би препорачал ти?“. Мажот би требало да ја направи нарачката пред келнерот.
Доколку едниот чести, никогаш не би требало да „штедите“ и да го нарачате најевтиниот оброк во менито, ниту пак да се расфрлате на туѓа сметка. Задржете се до златната средина.
Кога келнерот ќе донесе шише вино, мажот не треба да посегнува да го отвори и да наточи – тоа е работа на оној кој ве служи.
Културно е мажот да се понуди да ја плати сметката, но доколку жената инсистира, мора да постои договор. Никако не ги делете трошоците пред келнерот.
Ако мажот и жената кои излегле на вечера се само пријатели, би требало да ја поделат сметката на половина, со претходен договор.
Културно оставање бакшиш
Во просек, бакшишот би требало да биде околу 10-15% од целокупната сметка.
Бакшишот е акт на добра волја, па не би требало да бидете арогантни кога го оставате. „Задржете го кусурот“ на цел глас е малку непријатно, па доволно е да го оставите кусурот на масата.
Бакшишот не вклучува само пари, туку благодарност и насмевка кон оние кои ве служеле.
Никогаш не би требало да го „истурате“ паричникот врз масата за да соберете бакшиш. Оставањето ситни монети кои „ви се вишок“ е малку некултурно.
М. Д. | Црнобело