Грешки кои треба да ги избегнувате ако сакате да бидете финансиски независни
Во одреден период од животот, сите сфаќаме дека финансиската независност е многу важна.
А, за да не се каете што не сте ја постигнале, потребно е да почнете однапред да размислувате на тоа.
Обрнете повеќе внимание на себеси и навреме направете ги потребните промени кога се работи за справување со сопствените ситуации.
Многу од нас, постојано прават грешки кои треба да се избегнуваат ако сакате да бидете финансиски независни и да немате проблеми понатаму.
Погледнете кои се тие:
Грешка бр. 1: Очи „широко затворени“
Многумина често ги контролираат своите трошоци, го земаат кусурот во маркети, водат сметка за дневните трошоци, па дури и ги обвинуваат родителите или блиските ако не се исто толку внимателни.
Но, покрај тоа што е одлично и препорачливо да се води сметка за трошоците, исто така треба да размислувате и за примањата, како и штедењето.
Подобро е да тргнете настрана некој дел од платата или пак да го ставите во банка на штедна книшка, а остатокот да го трошите според планот.
Исто така, би требало секогаш и да размислувате како да инвестирате во нешто што дупло ќе ви се врати или пак да најдете некоја хонорарна работа, проект или било што, што може да ви донесе плус приходи во текот на месецот.
Грешка бр. 2: Дупли и непромислени трошоци
Сигурно знаете многу начини за штедење пари, но не мора да значи дека секогаш трошоците треба да ги кратите до екстремен минимум.
Па така, доколку купувате евтини и неквалитетни работи, многу е веројатно дека наскоро ќе треба да го однесете на поправка, или да го замените со ново, со што ќе направите дупли трошоци.
Секако, тоа не значи постојано да си купувате скапа облека и други работи, па до следната плата да мора да преживувате.
Но, најдете начин да заработите некој денар плус, или со заштедени пари купете си нешто квалитетно и поскапо кое ќе ви трае подолго и нема да имате потреба од нови трошоци наскоро.
Грешка бр. 3: „Сè што е мое, е и твое“
Заедничко штедење на едно место, партнер кој секојдневно ве издржува финансиски и имот кој е целосно на име на партнерот – знаци кои укажуваат на финансиска зависност и не треба да ги дозволите.
Во ред е да ги делите трошоците, во ред е да не мислите само за себе и доколку партнерот не е во можност да му помогнете или обратно, но не може за сè да функционирате така.
Секогаш имајте ваши сопствени пари настрана, заинтересирајте се за имотот и правните работи, заработувајте сами, независно колку партнерот може да ве издржува и секогаш одлучувајте сами за вашите трошоци.
Грешка бр. 4: Постојано жртвување
Британските социолози биле изненадени од резултатите на нивното истражување, кое покажало колку слободните жени се побогати од мажените жени, иако имаат исти примања.
Со други зборови, слободните жени имаат многу повеќе резервни пари кои ги чуваат настрана.
Тажно, но вистинито, мажените жени нивните пари во најголем дел ги даваат за домаќинството и за семејството и често одбиваат да си купат нешто за себе, ако немаат обезбедено прво за сите останати.
Сепак, ова однесување не е карактеристично и за мажите – сингл или женети, тие секогаш имаат резерви пари за лични трошоци. Жените треба да научат нешто од нив!
Грешка бр. 5: Прифаќање на секоја понуда
Колегите ви кажале дека треба да платите 500 денари за забава во канцеларија, најдобрата другарка докторирала и треба да купите скап подарок, или некои пријатели ве поканиле на вечера во префинет ресторан каде што мора да потрошите многу пари.
Секако, доколку ви се погоди период во кои имате многу вакви трошоци, тоа нема да влијае позитивно на вашиот буџет.
Но, факт е дека може да не ги прифатите сите трошоци. Одберете што ви е приоритет, како во случајот подарокот за пријателката, а останатите одбијте ги.
Никој не ве тера со сила да одите на фенси места доколку немате желба за тоа. Можете да најдете добро оправдување, или едноставно да кажете дека не ви се трошат пари залудно.
Секако, полесно е да се каже отколку да се направи, но во секој случај е подобро тоа, отколку да потрошите толку многу пари само за да ги задоволите другите, а вие да преживувате во останатите денови.
Важно е да го правите тоа што вие го сакате и тоа што нема да ви предизвика проблеми на финансиски план.
Грешка бр. 6: Импулсивно купување
Има многу луѓе кои шопингот го сметаат за ослободување од стрес и опуштање, но иако тоа можеби моментално некому помага, важно е да не се претвори во зависност.
Во ред е некогаш да се охрабрите и да се подновите со нешто во што ќе се чувствувате пријатно и самоуверено или отсекогаш сте го посакувале.
Но, бесцелното купување само затоа што моментално мислите дека позитивно ќе влијае на вас, всушност негативно влијае на вашите финансии на долгорочен план.
Затоа, избегнувајте го овој начин на купување и купувајте работи кои ви се потребни и однапред испланирани.
Исто така, гледајте да ги користите попустите, но не паѓајте на секој маркетиншки трик и бидете внимателни.
М. М. | Црнобело