Читај ми од усни, ќе знаеш што навистина сакам да кажам
Говорот на телото е навистина моќна работа. Некои нешта не сакаме да бидат кажани, ниту пак дознаени, но говорот на телото секогаш успева да не разоткрие.
Усните можат да кажат многу нешта без да употребат ниту еден збор и никогаш не можеме да ги контролираме колку и да го посакуваме тоа. Како и останатиот дел лицето, особено очите, мускулите околу нашите усни ја прикажуваат секоја наша емоција и мисла. Потребно е само правилно да знаеме како да ги протолкуваме движењата.
Ова се главните движења кои можат да кажат многу повеќе од тоа што е искажано со зборови:
1. Одвоени усни
Усните кои се благо одвоени се силен знак за флертување, особено ако неколку секунди по нивното отварање следи подлижување на горната усна и погледот е насочен директно во очите на личноста со која се разговара.
Во случај да остануваат само подолг период отворени, нивното значење е сосема поинакво. Отварањето на усните е првата фаза во говорењето така што, личноста многу веројатно има нешто неискажано и се подготвува за говор, но не знае како да започне.
2. Стиснати и издадени нанапред
Усните кои се стиснати и издадени нанапред во сите насоки се класичен знак на тензија и може да покажуваат неодобрување кон вашите ставови и зборови. Тие се знак на гнев, дури и оној кој е неискажан и непокажан. Личноста несвесно се обидува да премолчи.
Онака како што може да се обидува да го прикрие гневот можеби се обидува да прикрие и нешто сосема друго. Постои можноста да се обидува да ги премолчи лагите кои сака да ги каже односно, сака да прикрие нешто од вас.
Да не бидеме целосно негативни, овие усни може да се знак и на размислување или неодлучност меѓу две работи.
3. „Duck face“
Да токму така, усни кои девојките денес често сакаат да ги практикуваат за селфиња. Усните кои се благо напрчени како во бакнеж укажуваат на некоја неискажана желба.
Доколку на нив поставен е и барем еден прст, тогаш укажуваат на несигурност и логичко размислување за работите.
4. Стиснати навнатре
Усните навнатре како усни на рипка се повторно укажување на несигурност. Но, овојпат не станува збор за логичко анализирање на работите туку, за лоши вести.
Личноста се обидува нешто да сокрие, нешто не сака да каже.
5. Израмнети
Усните кои се чини како самата личност да ги „јаде“ односно се силно припиени навнатре така да не се гледаат укажуваат на две мисли: „Ако прозборам ќе бидам многу критичен/а, така да подобро да молчам“ или „Ме прекинаа сред зборење, ама не продолжувам колку и да сакам“.
Во секок случај станува збор за силна фрустрација.
6. Подигнати во насмевка
Станува збор за „вештачко“ смеење кога личноста ги подига усните како да се смее, но не се забележуваат забите. Дополнително на тоа, искрената насмевка подразбира движење и на мускулите на очите. Во овој случај овој знак недостасува. Станува збор за личност која се согласува со вашето мислење, но само колку да гледа побргу да ве „откачи“. Всушност воопшто не се согласува со вас и гледа да го избегне разговорот.
7. Спуштени надолу
Некои луѓе едноставно се хронично незадоволни, така што оваа положба на усните е константна за нив. Во случај да се случува токму при разговорот, личноста сака да покаже дека се обидува да влезе во вашата кожа и да ја разбере вашата тага или размислувања.
8. Нагризување на усните
Нежното загризување на усните може да значи две работи. Во еден случај ако е проследено со директен контакт со очите и со подзаскриена насмевка укажуваат на сексуална желба кон личноста во кој се гледа.
Во случај да се со поглед кој ве избегнува, личноста се двоуми да ви го каже тоа што го мисли од страв дека ќе ве повреди или налути.