Како пеглањето да биде лесно и брзо?
Која домашна обврска ви е најдосадна? Веројатно како од пушка одговоривте - пеглање!
Не велиме дека може да стане поинтересно, но барем може да оди полесно и побрзо со неколку едноставни совети.
Најважно е облеката правилно да ја исперете и исушите. Ако тоа го направите како што треба, доволни се само неколку движења со пеглата.
Кога облеката ќе ја извадите од машина, добро истресете ја и закачете ја да се суши, но внимавајте да не се пресуши.
Маиците и кошулите ставајте ги на закачалки, не на жица.
Ако облеката веќе е целосно сува, пропрскајте ја со млака вода, замотајте ја во пластична кеса и оставете ја да отстои.
Прво пеглајте ги работите кои се исправуваат на пониска температура, а потоа оние кои бараат пожешка пегла.
Белата, памучна и ленената облека, како и онаа во светли нијанси испеглајте ја свртена „со лице“, а темната облека од свила, чипка, сомот или плиш превртете ја и пеглајте ја од внатрешната страна за да не избледи.
Штофот задолжително пеглајте го преку влажна крпа.
Најзаморно е да пеглате кошули и блузи, но и тоа може да се поедностави ако започнете од јаката, преминете на ракавите сè до манжетните. Потоа исправете го предниот дел, па грбот.
Ако панталоните сакате да ги порабите, започнете од горниот дел. Поклопете ги ногавиците по должина, па притиснете. Подигнете ја горната ногавица и испеглајте ја долната, а потоа врз неа спуштете ја и горната, па поминете ги двете.
Панталоните свртете ги на другата страна и повторете ја постапката.
Секако, ако можете да си дозволите најпаметно би било облеката да се суши во машина за целиот процес на пеглање да биде олеснет.