Се оженив за државјанство, мојата најголема грешка!
Сакав да избегам од државата што побрзо бидејќи тука не гледав никакова шанса за просперитет.
Наместо да се обидам да добијам виза или работа со договор на неопределено време во странство, јас го избрав најлесниот начин за да избегам од тука.
Се оженив со девојка со која ме запозна мојот братучед, преку Скајп.
Беше убава, барем така мислев, имаше добар глас, тивок кој откако ја запознав сфатив дека не бил толку тивок како што си мислев.
Ја знаеше мојата ситуација и прифати да се омажи за мене иако знаеше дека тоа го правам само за да добијам државјанство.
Отидов таму, го потпишавме тој лист хартија кој ми обезбедуваше легален престој во државата и започнавме да живееме заедно со девојката.
Не се познававме, ниту бевме заљубени, а животот во првата година беше полош и од пекол.
Сфатив дека не е во ред да се ожениш без љубов или претходно запознавање.
Таа ме изневеруваше со изговор дека јас сум и само сопруг на хартија.
Почнав да пијам.
Една вечер во барот каде што се опивав секоја вечер запознав девојка. Беше промотерка на вино таа вечер од некоја винарска компанија.
Примерна девојка која ме понуди да го пробам виното кое што го промовира.
Една чашка вино бесплатно си реков во себеси, супер!
А и девојката не беше лоша, ја поканив на вечера наредниот викенд иако знаев дека бев оженет, го сокрив тоа од неа.
Започнавме да излегуваме тајно, бидејќи ја излажав дека немам дозвола за престој, мислеше дека сум турист на црно кој живее со својот братучед. Тоа ми беше изговорот секогаш кога таа ќе ме прашаше зошто никогаш не сум ја поканил кај мене дома.
Расправиите со мојата сопруга на хартија стивнаа. Таа беше како дух, никогаш не ја гледав дома, како би се карале?
Не чувствував грижа на совест бидејќи знаев дека и таа ме изневерува.
Едно утро ме разбуди мобилниот, беше тоа мојата нова девојка. Си помислив, колку би било убаво доколку не би постоеле сите овие проблеми, само јас и таа, вљубени до крајот на животот.
Додека јас си го замислував тоа, на телефонскиот повик одговори мојата сопруга. Не беше тука секогаш кога ми требаше, но во тој момент се најде покрај мојот кревет со мојот мобилен во рака.
Сфати дека имам љубовница, а мојата девојка сфати дека имам жена. И двете ме оставија.
На крајот останав без двете и без хартијата која ми обезбедуваше безбеден престој во државата.
Најмногу ми беше криво што ја изгубив љубовта на мојот живот без да ми дозволи да ѝ објаснам зошто ја излажав. Се пресели и никогаш повеќе не слушнав за неа, а мојата жена се премажи за нејзиниот љубовник.