5 предлог книги за уживање на плажа
Додека се подготвувате за годишниот одмор во торбата за на плажа секогаш мора да има место за добра книга.
Нема подобро поминување на времето дури се сончате од читањето кое ви ги одвлекува мислите некаде подалеку од детскиот џагор наоколу, гласната музика и премногу топлото сонце.
Книгите ја имаат таа моќ да ви овозможат совршено уживање, ментално патување и обогатување на духот.
Може истовремено да патувате на две места, со телото онаму каде што сте отишле на годишен одмор, а со умот може да стигнете многу подалеку.
Не си го скратувајте тоа задоволство и одберете некоја од овие книги да ги понесете со себе.
1. „Проектот Роузи“ – Грем Симсон (издание: Арс Ламина)
Ако сакате современа бајка која ќе ве освои со своето заводливо и шармантно раскажување испреплетено со многу хумор, тогаш време е да се вклучите во „Проектот Роузи“. Дали сте од оние кои веруваат дека љубовта може да го промени и најтврдокорниот маж?
Оваа книга ќе ви го потврди тоа или ќе ви го промени мислењето. Кога ќе откриете дека 39-годишниот генетичар Дон Тилман си ја бара совршената сопруга преку прашалник од 16 страници, можеби ќе се изнасмеете.
Но, уште поинтересно е кога истиот тој ќе се вљуби во најсовршено несовршената Роузи, која ќе внесе тотален хаос во неговиот уреден живот. Но, тоа е моќта на љубовта, зар не? Книга која слатко ќе ве забавува додека се сончате.
2. „Забавата може да почне“ – Николо Аманити (издание: ТРИ)
Еден забавен трагикомичен роман во кој е распостелена површината, но и некоја длабока суштина на Италија. Претставена во делчиња, открива некои тајни на современото италијанско општество преку сите ликови сместени на едно место.
Во срцето на Рим, Салваторе Кјати е ексцентричен милијардер кој ја има најпознатата вила во Италија, Вила Ада, каде приредува забава за целиот џет-сет. Но, кога таму ќе се вмешаат познат писател во креативна криза и членови на сатанистичка секта, мистеријата се продлабочува, забавата се менува.
Необични доживувања, интересно карактеризирање на ликовите и мајсторско прикажување кое буквално ќе ве одведе некаде подалеку од жешкото сонце.
3. „Екстремно гласно и неверојатно блиску“ (издание: Арс Ламина)
Авантуристички роман кој ве води низ мисијата на едно 9-годишно момче кое се обидува да ја најде бравата која може да се отвори со клучот кој му припаѓал на неговиот татко, кој, пак, починал при нападите на кулите близначки во Њујорк.
Навидум невозможна мисија која го води малиот Оскар кон откривање на многу преживеани од различни удари на животот за да го најде својот мир и да го преболи неговиот татко.
4. „Патување од сто чекори“ – Ричард С. Морјес (издание: Три)
На вашиот годишен одмор понесете го и овој сочен, шармантен и вкусен роман кој ве води од Мумбај до Париз. Совршен рецепт за книжевно уживање кое ќе ви ги разбуди сите сетила преку главниот лик, готвачот Хасан Хаџи.
Истражувајќи ги европските вкусови и вметнувајќи ги ориенталните индиски трикови, преку кулинарска војна со елитните француски ресторани, учи, патува, готви и успева да стигне на врвот, освојувајќи ги и најпребирливите. Ќе уживате во скокотливиот апетит кој ќе ви го отвори овој роман.
5. „Јас сум таа“ - Сара Ен Вокер (издание: Сакам Книги)
Жената која има пристоен сопруг, прекрасен дом и работа која ѝ обезбедува повеќе од пристоен живот, сепак има еден недостаток - име, идентитет, сопствено јас.
На почетокот, ќе се запрашате, која е таа? Која е целта на нејзиниот живот?
Секогаш уредна, умерена, љубезна... Така навидум изгледа жената без име. Но, таа има и мрачна страна. Мрачна страна која ќе ви открие дека оваа жена која има сè, сè уште се нема пронајдено себеси.
Откако ќе почувствува дека полека тоне и животот ѝ се распаѓа, решава да се врати неколку години, па дури и децении наназад. Овој процес или ќе ја уништи, или ќе ја спаси - одлуката е нејзина.
Приказната за жената која се пронаоѓа себеси е трогателна, но ќе ве увери во силата на човекот кој може да продолжи да дише дури и кога мисли дека го зема последниот здив.