СП: Тајните состојки на магичниот „фер-плеј“ спреј кој исчезнува
Многу вода, малку бутан, зрно сурфактант измешајте и ставете во аеросолниот распрскувач и ќе го добиете новиот „фер-плеј“ спреј што го користат судиите на Светското првенство во Бразил. Со него цртаат „привремени линии“ на теренот.
Доколку уживате во фудбалските натпревари сигурно сте го забележале новиот спреј со кој судиите ја одбележуваат досудената казна за изведување слободен удар, фаул или местото на „живиот ѕид“.
Како што е познато, кога една од екипите ќе направи фаул, судијата поставува „жив ѕид“ од фудбалери на оддалеченост од 9,15 метри од изведувањето на слободниот удар. За да нема поместување од одреденото, сега тоа се одбележува со белиот спреј кој потоа исчезнува. Според оддалеченоста го добил и своето име „9,15“.
Го измислил аргентинскиот новинар Пабло Силва, кој долго време известувал за фудбалските случувања во таа земја.
Бидејќи не му се допаднало тоа што играчите секојпат се приближуваат малку повеќе и правилото за 9,15 метри не се почитува, Силва одлучил дека треба да направи спреј во кој ќе има мешавина од вода, бутан и сурфактант кој може да биде невидлив, односно да исчезне по некоја минута.
Функционира така што по прскањето бутанот се шири на земјата, формира капки и на местото останува само малку вода.