Предвидувања на баба Ванѓа за 2024-та: Економска криза, но и лек за рак
Иако пророштвата на баба Ванѓа треба да се читаат со доза скептицизам, најмногу бидејќи таа самата нема запишано ништо и нема цврст доказ дека се нејзини, тие сепак се забавни. Од економски кризи, до огромен напредок во медицината и технологијата, што наводно предвидела баба Ванѓа за 2024 година?
На Балканот не постои личност која не слушнала за баба Ванѓа – жена која наводно имала моќ да лекува, но и да ја предвиде иднината.
Скоро 30 години по нејзината смрт, нејзините пророштва уште се зборуваат во околните земји, но и кај нас.
Баба Ванѓа нема запишано ниту едно пророштво, па оние за коишто слушаме се пренесувани усно.
Ова значи дека сосема возможно е дел од пророштвата што ѝ се припишуваат воопшто да не биле нејзини.
Притоа, многу од работите што ги кажувала биле двосмислени, односно можат да се толкуваат на различни начини.
Оние кои веруваат во нејзините моќи велат дека над 80% од работите што ги предвидела се оствариле.
Наводно, таа предвидела големи историски настани, како распадот на Советскиот Сојуз и катастрофата во Чернобил.
Некои, пак, веруваат дека ја предвидела и својата смрт.
Иако во модерно време сè помалку луѓе веруваат во пророштва, секогаш е забавно да се дознае што предвидела познатата јасновитка за претстојната година.
Дали ѝ се исполнија пророштвата за 2023 година?
Се верува дека баба Ванѓа предвидела нуклеарна катастрофа за 2023-та, но, за среќа, околу два месеца пред крајот на годината, се нема случено ништо вакво.
Таа предвидела дека Земјата ќе си ја промени орбитата – што не се случи – како и дека ќе има голема соларна бура.
Интересно е што астрономите забележуваат зголемена активност на Сонцето, а поради голема соларна бура, пред некој ден поларната светлина се гледаше во околните земји, како Босна и Херцеговина.
Таа предвидела и дека ќе биде забрането „природното раѓање на бебињата“. Ова, секако, не е остварено.