Мобилна куќа од 17m² целосно опремена од IKEA - ќе посакате да се вселите во неа (фото)
Во соработка со уште две компании, IKEA направи мобилна самоодржлива куќа која има само 17 метри квадратни, но веднаш ќе посакате да живеете во неа.
IKEA нè натера да се вљубиме во скандинавскиот дизајн, а поради практичноста и релативно ниските цени, стана една од најпопуларните продавници за мебел.
Сега, пак, од компанијата споделија нов проект – мобилна минималистичка куќа, која е еколошка и самоодржлива.
Проектот е направен во соработка со Curbed и Escape, компании што изработуваат мали куќи и камп-приколки, а резултатот е мала подвижна куќичка совршена за оние кои не можат да седат долго на едно место.
Според основачот на Escape, во нивниот дизајн најважни се самоодржливоста и енергетската ефикасност на малата куќа.
Истовремено, куќата е направена од одржливи и рециклирани материјали, а многу лесно може да се адаптира на секакво опкружување.
Иако куќата има само 17 метри квадратни, генијалноста на ентериерот ќе направи да се чувствувате каков во многу поголем простор.
Во куќата има брачен кревет, мал двосед, кујничка со работна маса, рерна и рингла, како и фрижидер. Нормално, куќата е опремена и со мала бања во која има туш-кабина.
Просторот е многу добро организиран и во секое парче мебел има фиоки кои можат да се користат за складирање, а целиот мебел е од IKEA.
Трпезариската маса се расклопува и лесно може да се претвори во биро или масичка за двајца.
Куќата изгледа одлично и однадвор и има темна нијанса, а има и тркала и може да се прикачи за поголемо возило, како камп-приколка.
Бидејќи е важна самоодржливоста, куќата е опремена со соларни панели и хемиски тоалет.
Бидејќи сепак станува збор за куќа во која можете да живеете постојано, цената е малку повисока – околу 63.000 долари. Според веб-сајтот на една од компаниите, има можност и за плаќање на рати.