Кул трикови со кои ќе создадете неверојатна новогодишна атмосфера во домот
Новата година е речиси на чекор од нас, но тоа не значи дека немате време за уште украсување на домот.
Иако можеби елката е накитена, сепак има уште многу начини како да внесете новогодишна атмосфера во домот и да уживате уште повеќе до доаѓањето и за време на празниците.
И најчесто, буџетот не игра голема улога, бидејќи вистинската работа се создава со раце, креативност и малку слободно време.
Ако сте и вие од оние кои секојдневно сакаат да додаваат по малку празнична атмосфера во домот, следниве идеи се одлични за вас.
Неколку кул трикови со кои ќе внесете магија околу вас:
Балони
Иако многумина балоните ги поврзуваат со родендени и други типови прослави, ако се потрудите, тие се одлична новогодишна декорација.
Наместо да бирате балони во боја, може да одберете проѕирни балони кои внатре сами ќе ги декорирате со светки, конфети и други слични работи.
Тегли и шишиња
Сијаличките кои најчесто ги ставате само на елка или прозорци, може да ги ставите и во стаклени шишиња во боја или тегли.
Стаклените садови може да ги наполните и со шишарки во боја или други светкави додатоци со кои ќе внесете празнична магија во домот.
Вазни
Може да ги искористите вазните на традиционален начин и да ги наполните со дрвца на кои ќе закачувате лампиони, новогодишни желби, сијалички и други празнични декорации.
Но, вазните и сличните стаклени садови можете да ги искористите за пуштање на креативноста и создавање интересни зимски пејзажи со вештачки снег, мали елкички, шишарки, лампиони и што и да посакате.
Фото-зона
Ако никогаш досега сте немале фото-зона во домот и секогаш сте се мачеле додека да најдете идеално место за фотка, време е да пробате нешто ново.
За сите собиранки со пријателите, едно вакво катче украсено со добра празнична позадина и неколку додатоци ќе биде омилено место за совршени Инстаграм фотки.
За позадина одберете некои висечки елементи по избор, надувајте неколку шарени балони во согласност со атмосферата и купете некои тематски додатоци за полесно позирање.
Светки насекаде
Светките се неизбежен детаљ од декорирањето, а најдоброто е што можете да ги вметнете буквално секаде – сами.
Може да ги украсите чашите, шишињата и останатите садови во кои послужувате или служат како украс.
Или пак, да направите сами мини декорации од макарони обоени со светки, или други слични форми.
Декорацијата на свеќите и свеќниците пак, не познава за граници, а веројатно изгледаат најубаво и најлесно се прават на секаков можен начин.
Невообичаена новогодишна елка
Иако можеби некои веќе ја накитиле елката, има и такви кои чекаат „5 до 12“, а секогаш може и да ја накитите одново доколку сте расположени за промена.
Ако ви е здосадено од традиционалното декорирање на елката, може да се обидете со лампиони во боја, но со групирање на боите или омбре елки.
Секако, доколку имате вишок простор за уште некоја елка може да си направите елка од скала која ќе ја декорирате како што сакате.
А, доколку пак немате доволно простор во домот, секогаш постојат импровизирани елки, кои најчесто може да бидат закачени на ѕид или да висат.
Божиќно венче
Не мора да купувате скапи новогодишни венчиња, доволно е да пребарате на интернет неколку туторијали и сами да си направите од работи и лампиони кои не ги користите за на елка.
Снегулки
Купете или направете сами снегулки од хартија и залепете ги на прозорците или пак закачете ги на конец и одберете најпогодно место во домот каде ќе висат и ќе создаваат прекрасна зимска бајка.
М. М. | Црнобело