„Паметни“ огледала, фрижидери кои готват: Како ќе изгледаат домовите во 2040-та?
Како што светот се менува и технологијата напредува секој ден, така и изгледот на домовите постепено се менува.
Ако пред 20 години, на шпоретите немало екрани и тајмери, сега речиси и не постои шпорет без тие додатоци.
Компанијата Tesla направи дигитални инсталации кои прикажуваат како би изгледале домовите за 23 години од сега, односно во 2040-тата.
Овие инсталации ќе бидат претставени на саемот во Сиднеј, Sydney Property Buy Expo.
Спална соба
Креветот ќе биде поврзан со дигитални уреди кои го регулираат спиењето. Огледалата ќе бидат „паметни“ и ќе имаат опција за дигитален плакар преку кој ќе можете да одберете комбинации на облека.
Кујна
Работните маси во кујната ќе имаат „паметни“ површини кои даваат информации за временската прогноза, листи за пазарење, и идеи за појадок, ручек и вечера. Фрижидерите ќе имаат опција сами да ви ја готват храната или да сечкаат овошје, зеленчук и слично.
Дневна соба
И дневната соба ќе биде футуристичка, со телевизори на целиот ѕид и звучници кои пренесуваат звук со најдобар квалитет. „Паметните“ звучници ќе бидат поврзани со гарнитурата за седење со цел доживувањето да биде потполно.
Домашна канцеларија
Каков би бил домот на иднината ако во него нема домашна канцеларија опремена со најновите технолошки уреди? Преку бирото ќе може да се вклучите на интернет, да пишувате, да читате и слично.
Тоалет
Тоалетите ќе имаат опција да проверуваат дали сте здрави или имате некои проблеми. На ѕидовите ќе може да се одбере „тапет“ на денот – плажа, планина, град – во зависност од вашето расположение тој ден. Огледалото ќе има опција да ве советува за шминката и фризурата.
Гаража
На ѕидот на гаражата ќе има информации за временската прогноза и состојбата на патиштата низ градот и државата. Бидејќи се очекува автомобилите да бидат на струја, тие ќе се полнат во гаражата безжично, преку електромагнетни полиња.
М. В. | Црнобело